БУРА НА УКИМ ПО ИЗБОРОТ НА НОВИОТ СТУДЕНТСКИ ЛИДЕР Спорен мандат, тајна седница и обвинувања за неправилности
Адам Стојановски освои 21 глас и беше избран за претседател на УСС-УКИМ, но „Студентарија“ и „Студентски отпор“ отворија прашања за верификацијата на мандатите, начинот на закажување на седницата и легитимноста на изборот.

Адам Стојановски е новиот претседател на Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ), откако на втората седница на УСС-УКИМ доби 21 глас, наспроти петте гласови за неговиот противкандидат Никола Манев од Технолошко-металуршкиот факултет.
Но, изборот на новиот студентски лидер наместо да помине без реакции, предизвика сериозни обвинувања и отвори низа прашања за регуларноста на изборната постапка. Иницијативата „Студентски отпор“, а потоа и платформата „Студентарија“, посочија на можни прекршувања на Статутот, спорна верификација на делегатски мандати и нееднаков третман кон кандидатите.
Според информациите објавени од „Студентарија“, дел од студентите делегати тврдат дека изборниот процес бил спроведен на спорен начин, бидејќи на еден од заинтересираните кандидати за претседател не му бил верификуван мандатот, со што му била оневозможена кандидатурата. Еден од главните спорови се однесува на начинот на закажување на изборната седница.
Од „Студентарија“ посочуваат дека според член 22 од Статутот на УСС-УКИМ, датумот за избор на претседател требало да биде утврден на конститутивната седница, а изборот да се одржи најмалку три работни дена подоцна.
Меѓутоа, според нивните наводи, во записникот од конститутивната седница од 28 октомври не бил наведен конкретен датум, туку било одлучено делегатите дополнително електронски да гласаат за следната седница. Дел од нив, како што тврди платформата, за конечниот датум биле известени само еден ден однапред.
Дополнителни реакции предизвикало и неверификувањето на мандатот на Марко Доневски од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), поранешен претседател на матичното студентско собрание и делегат во УСС-УКИМ.
Според објавените информации, Доневски ги завршил додипломските студии на 1 септември, а на 21 октомври се запишал на магистерски студии на истиот факултет. Истиот ден, како што самиот навел, повторно бил именуван за претставник на ФЕИТ во УСС-УКИМ.
Тој со жалба до ректорот на 29 октомври го оспорил неверификувањето на мандатот, тврдејќи дека ги исполнувал условите како редовен студент и дека не добил писмена одлука со образложение. Доневски поднел приговор и до Верификационата комисија, наведувајќи дека станува збор за ново именување, а не за продолжување на претходниот мандат. Притоа, обвинил дека биле применети двојни стандарди во однос на други делегати со нецелосна документација.
Дополнително, според „Студентарија“, Доневски реагирал и на користењето документ од универзитетскиот систем Iknow, кој содржел негови лични и академски податоци, а бил презентиран за време на конститутивната седница како аргумент против верификацијата на неговиот мандат.
Претходно, иницијативата „Студентски отпор“ реагираше дека изборот на студентскиот лидер се одвивал во тајност и го постави прашањето за легитимноста на гласањето. Од иницијативата посочија дека УСС-УКИМ брои 46 делегати, но на седницата учествувале само 26 лица. Тоа значи дека 20 делегати не учествувале во изборот.
„Како е можно да се избира претседател кој нема освоено ни половина од гласовите, односно има освоено 21 глас? Тука се наметнува прашањето – колку се легитимни овие избори?“, прашаа од „Студентски отпор“.
И покрај реакциите и отворените прашања, од Универзитетското студентско собрание засега нема детално објаснување за текот на изборната постапка и изнесените забелешки. Од УСС-УКИМ единствено информираа дека Адам Стојановски, студент на Природно-математичкиот факултет, бил избран за нов претседател со 21 глас, додека Никола Манев добил пет гласа.
На новоизбраниот претседател и на целиот состав на УСС-УКИМ им посакаа успешна работа, соработка и реализација на иницијативи во интерес на студентите. Сега останува да се види дали раководството на УСС-УКИМ и Ректоратот ќе одговорат на забелешките и ќе ги разјаснат дилемите што се појавија околу изборот на новиот студентски лидер на најголемиот универзитет во државата.

