НЕМА ЗАСТОИ НА ПАТИШТАТА И ГРАНИЦИТЕ – АМСМ предупредува: Внимавајте на одрони
Сообраќајот се одвива непречено по претежно суви коловози, а интензитетот надвор од градовите е умерен. Патот Охрид–Ресен преку Галичица е отворен за возила до 3,5 тони.

Сообраќајот на државните патишта денеска се одвива непречено, по претежно суви коловози, информира Автомото сојузот на Македонија (АМСМ).
Интензитетот на сообраќај надвор од градските средини е умерен, додека на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од АМСМ апелираат до возачите да ја приспособат брзината на движење, да ја почитуваат сообраќајната сигнализација и внимателно да управуваат со возилата.
Посебна претпазливост се препорачува на патиштата што минуваат низ котлини, речни долини и клисури, каде што постои можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Во сила е сезонскиот режим на сообраќај, според кој патниот правец Охрид–Ресен, преку Националниот парк Галичица, од 15 април е отворен за сообраќај за сите видови возила со тежина до 3,5 тони.

