ГОЛЕМО ОЛЕСНУВАЊЕ ЗА КЛИЕНТИТЕ НА АЛТА БАНКА Ќе можат да ги повлечат платите и пензиите без ограничување

Од понеделник повторно се отвораат шалтерите во Тетово и Струмица, неделниот лимит за картички се зголемува на 15.000 денари, а идните приливи од плати, пензии и социјална помош ќе можат да се повлекуваат во целост.

ГОЛЕМО ОЛЕСНУВАЊЕ ЗА КЛИЕНТИТЕ НА АЛТА БАНКА Ќе можат да ги повлечат платите и пензиите без ограничување
Фото: Национал

Нови олеснувања за клиентите на Алта банка Битола најави гувернерот на Народната банка, Трајко Славески. Со три нови мерки, граѓаните ќе добијат полесен пристап до своите средства, а најзначајната промена е што идните приливи од плати, пензии и социјална помош ќе можат да ги повлекуваат во целост, без ограничување на износот.

Истовремено, Народната банка активно работи на изнаоѓање нов сопственик за Алта банка, а според Славески, досега интерес за преземање покажале шест потенцијални инвеститори, меѓу кои и две домашни банки.

Првата мерка предвидува од понеделник, 9 ноември, повторно да бидат отворени шалтерите во Тетово и Струмица. Клиентите кои немаат платежни картички таму ќе можат да подигнат до 20.000 денари, без да мора да патуваат до Битола.

За граѓаните од Прилеп, Ресен и Охрид ќе биде организиран автобуски превоз до филијалата на Алта банка во Битола, каде што ќе можат да ги подигнат пензиите и социјалната помош. Точните распореди и времето на поаѓање дополнително ќе бидат објавени.

Второто олеснување се однесува на зголемување на неделниот лимит за подигање готовина и плаќање со платежните картички на банката. Наместо досегашните 10.000, клиентите ќе можат да располагаат со 15.000 денари неделно.

Третата мерка е најзначајна за граѓаните кои очекуваат плата, пензија или социјална помош.

„Сите идни приливи од плати, пензии и социјални трансфери кои доаѓаат од институции или компании што имаат сметки во други банки, граѓаните ќе можат да ги повлечат во целост, без ограничување на износот. Со тоа клиентите нема да имаат потреба да отвораат платежна сметка во друга банка“, објасни Славески.

Тој посочи дека софтверските експерти работат деноноќно за ова решение да биде функционално во текот на следната недела, пред истекот на законскиот рок за исплата на платите.

Славески информираше дека исплатите на клиентите се одвиваат според утврдениот распоред. Исплатата на средствата за граѓаните без платежни картички веќе започнала, додека исплатата на социјалната помош започна денеска. Филијалата во Битола работи во две смени, а ќе биде отворена и во сабота, 7 ноември.

Гувернерот нагласи дека Алта банка продолжува да работи, не е во стечај и не ѝ е одземена дозволата за работа. Привремената администрација е мерка што се применува до решавање на прашањето за сопственоста. Според него, банката е ликвидна, високо капитализирана и има солиден квалитет на кредитното портфолио. Средствата на клиентите остануваат на нивните сметки, додека привремените ограничувања се однесуваат на начинот на располагање со нив и се воведени за да се зачува ликвидноста и да се заштитат штедачите.

На прашањето дали најдобро решение е продажба или стечај, Славески оцени дека најреално сценарио е пронаоѓање нов купувач.

„Станува збор за здрава банка, стабилна, со голем потенцијал за развој и регионален лидер. Имаме шест заинтересирани инвеститори, од кои две се домашни банки. Денеска имав средба со заинтересираните домашни банки“, изјави гувернерот.

Тој додаде дека Народната банка е проактивна во контактите со потенцијалните инвеститори, но дека не може да зборува во нивно име ниту да ги открие нивните имиња.

Премиерот Христијан Мицкоски вчера посочи дека за Алта банка постојат две можни сценарија – пронаоѓање купувач или отворање стечајна постапка доколку не се најде заинтересиран инвеститор. Според неговата изјава, продажбата би била тешка, а доколку не се обезбеди купувач, банката би можела да ја изгуби дозволата за работа.

Алта банка во Македонија влезе во септември 2025 година, кога ја презеде Стопанска банка АД Битола. Со банката сега управува Народната банка, која најави дека доколку постојните сопственици не ја понудат на продажба, таа ќе го преземе процесот за пронаоѓање нов инвеститор.

Во меѓувреме, остануваат отворени прашањата за пристапот на компаниите до нивните средства, како и за парите на институциите кои имаат сметки во банката. Деловните клиенти сè уште се соочуваат со ограничен пристап до средствата, а електронското банкарство не е достапно.

Народната банка најавува дека продолжува да ја следи состојбата и постепено да ги приспособува мерките, со приоритет да се обезбеди уредно опслужување на граѓаните и заштита на интересите на клиентите.

КОЈ ЌЕ ЈА ПРЕЗЕДЕ АЛТА БАНКА 21 ден за утврдување на состојбата, клиентите под ограничувања

CATEGORIES
TAGS
Share This