ГОЛЕМА АКЦИЈА ВО КУМАНОВО Петмина уапсени, пари, изнуди и сомнителна менувачница под лупа

Пронајдени се поголеми суми пари и документација, се најавуваат претреси и во нотарски канцеларии, а Народната банка врши контрола на менувачница.

ГОЛЕМА АКЦИЈА ВО КУМАНОВО Петмина уапсени, пари, изнуди и сомнителна менувачница под лупа
Фото: Принтскрин

Голема полициска акција во Куманово против организирана криминална група која, според истрагата, пет години дејствувала на ова подрачје. Пет лица се лишени од слобода, а при претресите биле пронајдени поголеми суми пари, документација и други предмети кои се поврзуваат со сомнителни финансиски активности.

Акцијата ја спроведува Одделот за сузбивање на организиран криминал и корупција при Бирото за јавна безбедност, во координација со Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Осомничените се товарат за повеќе кривични дела, меѓу кои изнуда, перење пари и несовесно работење во службата.

Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, информираше дека при претресите кај осомничените биле пронајдени поголеми количества пари и документација која упатува на сомневања дека тие давале пари на заем и вршеле изнуда.

„Направени се претреси кај сите, при претресите се најдени поголема количина на пари, документација, која упатува дека лицата се занимавале со позајмици, давале пари на позајмици, вршеле изнуди“, изјави Јанев.

Тој посочи дека врз основа на пронајдената документација е предложено да се извршат претреси и во нотарски канцеларии во Куманово.

Дополнително, известена е и Народната банка, откако во менувачница биле пронајдени финансиски средства за кои постојат сомневања дека потекнуваат од менувачница во сопственост на брат на еден од осомничените. Народната банка веќе врши контрола и ревизија.

По налог на јавен обвинител, ќе бидат одземени пронајдените превозни средства, документацијата, мобилните телефони и сите други предмети кои можат да послужат како докази во истрагата.

Кривичната пријава сè уште се подготвува, а истражните дејствија продолжуваат.

CATEGORIES
Share This