МИЦКОСКИ ЖЕСТОКО ЗА НАСИЛСТВОТО ВО ТЕТОВО Да одговараат и родителите на малолетниците

Нападите врз деца се снимаат и објавуваат на социјалните мрежи, родителите бараат правда, а полицијата откри дека годинава евидентирала 12 инциденти меѓу малолетници.

МИЦКОСКИ ЖЕСТОКО ЗА НАСИЛСТВОТО ВО ТЕТОВО Да одговараат и родителите на малолетниците
Фото: Принтскрин

Премиерот Христијан Мицкоски побара надлежните институции да преземат мерки во врска со случаите на врсничко насилство во Тетово, особено нападите врз малолетници кои се снимаат и потоа се објавуваат на социјалните мрежи.

Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски посочи дека за конкретните инциденти јавноста треба да побара информации од Министерството за внатрешни работи, но нагласи дека одговорност мора да има и кај малолетните сторители и кај нивните родители.

„Апсолутно треба да реагираат не само со малолетниците што напаѓаат, туку и со нивните родители и согласно закон треба да одговараат“, порача премиерот.

Неговата реакција доаѓа по серијата објави и сведоштва на родители од Тетово, чии деца биле жртви на врсничко насилство. Особена загриженост предизвикува фактот што дел од нападите се снимаат, а видеата потоа се споделуваат на ТикТок и Инстаграм.

Родителите предупредуваат дека децата по нападите се соочуваат со страв и психолошки последици. Тие изразуваат незадоволство и поради тоа што, според нив, дел од сторителите сè уште не се идентификувани и покрај поднесените пријави.

Од СВР Тетово, пак, ги отфрлаат обвинувањата дека полицијата не постапува по пријавените случаи.

Според полициските податоци, во текот на 2026 година биле евидентирани 12 случаи на нарушување на јавниот ред и мир и други инциденти меѓу малолетници од различни етнички заедници.

Од нив, пет случаи се целосно расчистени, а против родители или старатели биле поднесени прекршочни пријави. Од полицијата додаваат дека за секој пријавен случај бил известуван и Центарот за социјална работа, додека разговорите со малолетниците се воделе во присуство на родители и стручни лица.

ТЕПААТ – СНИМААТ – БЕГААТ Малолетници Албанци во Тетово напаѓаат македонските деца

 

CATEGORIES
Share This