ПИРАТЕРИЈА НА ФЕЈСБУК Незаконски објавувал ТВ-серија, МВР му поднесе кривична пријава

МВР поднесе кривична пријава против 46-годишен администратор на Фејсбук-страница, кој без авторска дозвола објавувал епизоди од серија чии ексклузивни права ги поседувала телевизиска куќа.

ПИРАТЕРИЈА НА ФЕЈСБУК Незаконски објавувал ТВ-серија, МВР му поднесе кривична пријава
Фото: Принтскрин

Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против 46-годишниот Ј.К. од Скопје поради сомнение за сторени кривични дела „повреда на авторско право и сродни права“ и „пиратерија на аудиовизуелно дело“, предвидени во членовите 157 и 157-б од Кривичниот законик.

Според пријавата, во текот на 2024 година, осомничениот, во својство на администратор на Фејсбук-страница, без дозвола објавувал епизоди од телевизиска серија за која ексклузивните авторски права претходно биле отстапени на програмски сервис на телевизиска куќа врз основа на склучен договор.

Пријавата била поднесена по претходна претставка од телевизиската куќа, според која Ј.К. преку својот Фејсбук-профил и страницата со која администрирал објавувал различни серии, филмови и документарни содржини, меѓу кои и епизоди за кои немал авторски права.

Постапувајќи по наредба на Основното јавно обвинителство Скопје, полициските служби го повикале осомничениот на информативен разговор и привремено одзеле електронски уред во негова сопственост.

По извршената дигитална форензичка анализа на уредот, биле потврдени наводите од кривичната пријава, како и информациите добиени од исказот на осомничениот во текот на разговорот.

CATEGORIES
Share This