ДОДЕКА СОСЕДИТЕ ГУБАТ, ОМАН ПРОФИТИРА Берзата порасна за 24 проценти
ММФ прогнозира економски раст од 4,1 отсто, а стратешките пристаништа и дипломатската политика ја претвораат оваа земја во еден од потенцијалните економски добитници од регионалната криза.

Оман се издвојува како еден од ретките економски добитници од конфликтот поврзан со Иран. Додека други земји во Заливот се соочуваат со последиците од регионалните тензии, оваа држава успева да ја зачува стабилноста и да привлече зголемен интерес од странските инвеститори.
Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) прогнозира дека економијата на Оман годинава ќе порасне за 4,1 отсто, објавува „Блумберг“. Значајна предност се пристаништата Дукм, Сохар и Салала, кои се наоѓаат надвор од Ормускиот теснец и овозможуваат пристап до Оманскиот Залив и Арапското Море.
Според ММФ, покрај географската положба, важна улога имаат и економските реформи со кои Оман го намали јавниот долг и ја зајакна макроекономската стабилност. Земјата ја засилува и дипломатската активност, одржувајќи контакти со Иран и развивајќи ги односите со Кина. Истовремено, Мускат има амбиција да стане значаен логистички центар за трговијата меѓу Азија, Африка и Европа.
Интересот на инвеститорите се зголемува и на финансиските пазари. Берзанскиот индекс на Оман пораснал за околу 24 отсто од почетокот на годината, додека индексите во Обединетите Арапски Емирати и Саудиска Арабија бележат пад. Покрај пристаништата, властите планираат меѓународен финансиски центар до 2027 година и голем центар за податоци за вештачка интелигенција во Салала, во партнерство со британската компанија „Џамна“.
Сепак, економистите предупредуваат дека дел од предностите на Оман може да ослабнат по завршувањето на конфликтот и нормализирањето на поморскиот сообраќај низ Ормускиот теснец. Долгорочниот успех ќе зависи од тоа дали земјата ќе успее сегашната геополитичка предност да ја претвори во траен економски развој.

