ОД УТРЕ ИСПЛАТА ОД АЛТА БАНКА Но, има ограничување, еве колку пари ќе може да подигнете
Народната банка објави дека од 5 ноември граѓаните кои имаат сметки, но немаат платежни картички, како и корисниците на социјална помош, ќе можат да подигнуваат готовина во главната експозитура во Битола.

Граѓаните кои имаат сметки во Алта банка, но немаат платежни картички, како и корисниците на социјална помош, од денеска, 5 ноември, ќе можат да ги подигнуваат своите средства на шалтерите во главната експозитура на банката во Битола.
Според одлуката објавена од Народната банка, максималниот износ што ќе може да се повлече е 20.000 денари во период од две недели.
Од 6 ноември, вклучително и во сабота, 7 ноември, филијалата ќе работи во две смени за да се опслужат што поголем број клиенти. Исплатата ќе се организира во повеќе денови, а граѓаните преку СМС-порака ќе добијат информација за точниот датум и час кога треба да дојдат.
„Ги замолуваме граѓаните да се придржуваат до добиените термини и да не доаѓаат во филијалата во деновите во кои не се повикани, ниту пред времето за кое се повикани, со цел да се избегнат гужви и подолго чекање. За оние кои нема да бидат во можност да дојдат во определениот термин, ќе бидат обезбедени дополнителни термини“, соопшти Народната банка.
И покрај најавата за отворање на шалтерите, и денеска имаше редици пред главната филијала во Битола. Дел од граѓаните дошле за да подигнат готовина, додека поголем број чекале да добијат одјава за да можат да ги префрлат своите сметки во друга банка. По Битола, се подготвува отворање на шалтерите и во други градови низ земјата, за што Народната банка дополнително ќе ја информира јавноста.
Сепак, останува отворено прашањето како ќе ги остварат своите права клиентите на кои, покрај подигнување готовина, им се потребни и други банкарски услуги или документи. Според досегашните информации, шалтерите ќе бидат наменети исклучиво за исплата на готовина, без можност за извршување други трансакции.
Дополнителен проблем се и компаниите кои имаат средства во банката, а мора да ги исплатат платите на вработените и да ги подмират даночните и другите законски обврски, чиј рок за плаќање истекува на 15 ноември. Решавањето на ова прашање е особено важно за фирмите кои не можат да располагаат со своите средства.

