ВУЧИЌ ПОД ПРИТИСОК Помилувањата на 49 лица може да завршат во Стразбур

Меѓу помилуваните се поранешната државна секретарка Дијана Хркаловиќ и лица обвинети за насилство врз учесници на протестите.

ВУЧИЌ ПОД ПРИТИСОК Помилувањата на 49 лица може да завршат во Стразбур
Фото: Принтскрин

Одлуката на српскиот претседател Александар Вучиќ да помилува 49 лица предизвика сериозни реакции во Србија, а сега се отвора и прашањето за можната кривична одговорност за начинот на кој биле донесени помилувањата.

Министерството за правда го објави списокот на сите 49 помилувани лица на 27 септември, денот кога Вучиќ поднесе оставка од претседателската функција. Меѓу нив се наоѓаат поранешната државна секретарка во МВР, Дијана Хркаловиќ, лица осомничени за злоупотреба на службената положба, перење пари и примање мито, како и лица обвинети за напади врз демонстранти.

Особено внимание предизвика помилувањето на Милош Павловиќ, обвинет за обид за тешко убиство на студентката Соња Поњовиќ, која беше тешко повредена откако, според обвинението, тој со автомобил влетал во толпа граѓани.

Од Белградскиот центар за човекови права предупредуваат дека станува збор за продолжување на практиката на помилување лица обвинети за насилство врз учесници на протестите. Организацијата смета дека треба да се испита целата документација, законитоста на постапката и евентуалната одговорност на инволвираните функционери.

Дополнителни реакции предизвикаа и обвинувањата против полицискиот функционер Марко Кричак за наводно малтретирање студенти, како и повеќе нерешени случаи на полициско насилство за време на протестите.

Правни експерти толкуваат дека постои можност за преиспитување на помилувањата пред Уставниот суд, но предупредува дека нивното евентуално поништување би отворило сложени правни прашања за правата на веќе помилуваните лица. Во меѓувреме, се бара и проверка дали при донесувањето на одлуките можеби било сторено друго кривично дело.

Белградскиот центар за човекови права предупредува дека помилувањето лица обвинети за насилство врз демонстранти може да биде спротивно на Европската конвенција за човекови права. Според Сања Радивојевиќ од Центарот, веќе е поднесена жалба до Европскиот суд за човекови права во еден од случаите.

Жртвите можат да побараат заштита во Стразбур доколку претходно ги исполнат условите за обраќање до Судот, вклучително и исцрпување на ефикасните домашни правни лекови.

CATEGORIES
Share This