МАКЕДОНСКИОТ ЏЕЗ ЈА ОСВОЈУВА ЕВРОПА Националниот џез оркестар настапува во Чешка, а ќе го отвори и фестивалот во Сараево

Македонската џез-сцена повторно излегува на големата европска сцена! Националниот џез оркестар ќе одржи концерт во Чешка, а потоа со програмата „Macedonian Dreams“ ќе го отвори јубилејното 30. издание на престижниот Jazz Fest Sarajevo во Босна и Херцеговина.

МАКЕДОНСКИОТ ЏЕЗ ЈА ОСВОЈУВА ЕВРОПА Националниот џез оркестар настапува во Чешка, а ќе го отвори и фестивалот во Сараево
Фото: Принтскрин

На 2 ноември, комбо ансамблот на Националниот џез оркестар ќе настапи во престижниот концертен простор PETROF Gallery, во чешкиот град Храдец Кралове. Публиката ќе има можност да слушне програма составена од авторски композиции, преку кои ќе бидат претставени креативноста, разновидноста и современиот уметнички израз на македонските џез-музичари.

Комбо ансамблот го сочинуваат Трајче Велков на труба, Кирил Кузманов на алт-саксофон, Иван Иванов на тенор-саксофон, Гордан Спасовски на пијано, Кирил Туфекчиевски на контрабас и Виктор Филиповски на тапани.

Само два дена подоцна, на 4 ноември, Националниот џез оркестар ќе ја има честа да го отвори 30. издание на еден од најзначајните џез-фестивали во регионот – Jazz Fest Sarajevo. Концертот ќе се одржи на главната фестивалска сцена, во Народниот театар во Сараево, со програмата „Macedonian Dreams“, под диригентската палка на маестро Владимир Николов.

Програмата „Macedonian Dreams“ претставува уникатен спој на традиционалната македонска музика, народните мелодии и ритми, авторските композиции и современиот џез. Преку комплексни и современи аранжмани, македонското музичко наследство добива нова оркестарска димензија, создавајќи автентично концертно доживување.

Оваа програма веќе беше претставена пред публиката во Будимпешта, Прага, Виена и Брисел, а настапот во Сараево е уште една можност македонската музичка традиција да допре до меѓународната публика.

Настапот на отворањето на јубилејното издание на Jazz Fest Sarajevo претставува значајно меѓународно признание за квалитетот, континуитетот и уметничката визија на Националниот џез оркестар.

Со двата настапи во Чешка и Босна и Херцеговина, оркестарот продолжува да ја промовира македонската музичка култура и да го зацврстува нејзиното присуство на европската концертна сцена.

CATEGORIES
Share This