КОЈА ИНСТИТУЦИЈА ТРЕБА ДА БИДЕ ПОД ЛУПА – ДЗР ги повика граѓаните да предлагаат ревизии!
До 1 декември граѓаните, здруженијата и институциите можат да предложат каде да се спроведе државна ревизија во 2027 година.

Граѓаните добија можност директно да предложат кои институции и области треба да бидат ставени под ревизорска лупа во текот на 2027 година. Државниот завод за ревизија (ДЗР) објави јавен повик до граѓаните, институциите, организациите и здруженијата да достават предлози за спроведување државни ревизии.
Рокот за доставување на предлозите е 1 декември 2026 година, а повикот е дел од подготовката на Годишната програма за работа на ДЗР за 2027 година.
Од Државниот завод за ревизија информираат дека целта на повикот е зголемување на транспарентноста и вклучување на јавноста во утврдувањето на ревизорските приоритети. Граѓаните и организациите можат да предложат конкретни институции или области за кои сметаат дека е потребно да се спроведе ревизија.
Сепак, доставувањето предлог не значи автоматски дека ќе биде спроведена ревизија. Сите предлози ќе бидат разгледани, а конечната одлука ќе зависи од процената на ризиците, стратешките документи, професионалните стандарди и расположливите ресурси на Заводот.
Заинтересираните можат да ги достават своите предлози на два начина:
-
Електронски: преку веб-формуларот „Барање за ревизија“ на официјалната интернет-страница на Државниот завод за ревизија.
-
Во хартиена форма: на адресата ул. „Павел Шатев“ бр. 2, Палата „Емануел Чучков“, Скопје.
Годишната програма за работа ја донесува главниот државен ревизор, а најдоцна до крајот на декември треба да биде доставена до Собранието и објавена на веб-страницата на ДЗР.

