СИЉАНОВСКА ОД БРИСЕЛ Зошто Словенија е во ЕУ, а Македонија сè уште чека
Претседателката потсети на мислењето на Бадинтеровата комисија од 1992 година, порача дека не може само земјите кандидати да покажуваат политичка волја и побара еднаков третман, почитување на идентитетот и креативни решенија за деблокирање на евроинтеграциите.

Прашањето зошто Словенија е членка на Европската Унија, а Македонија и по повеќе од три децении сè уште чека на својата европска перспектива, го отвори претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на Самитот за проширувањето на ЕУ во Брисел, организиран од „Euronews“.
Во своето обраќање, Сиљановска-Давкова се повика на мислењето на Бадинтеровата комисија од 1992 година, со кое било утврдено дека Словенија и Македонија ги исполнуваат условите за меѓународно признавање, особено во однос на уставното уредување и заштитата на човековите и малцинските права.
Според претседателката, денешната различна позиција на двете држави покажува дека европската интеграција не зависи само од исполнувањето на критериумите, туку и од политичката волја, вклучително и од страна на одредени соседи.
Осврнувајќи се на уставните измени и Преспанскиот договор од 2018 година, Сиљановска-Давкова потсети дека Македонија го промени уставното име со образложение дека тоа е последната пречка на патот кон европската интеграција. Таа нагласи дека новото барање за промена на Уставот, кој досега бил менуван 36 пати, најчесто под надворешен притисок, отвора сериозни прашања за легитимитетот и одговорноста за таквите одлуки.
Претседателката посочи дека одлуката за уставните измени е во надлежност на Собранието, додека нејзиниот легитимитет произлегува од граѓаните.
Говорејќи за европските вредности, Сиљановска-Давкова истакна дека Европската Унија не треба да се гледа само како политичка и бирократска машинерија, туку како заедница заснована врз принципи, вредности и почитување на различностите. Повикувајќи се на основачките документи на ЕУ, таа потсети дека почитувањето на националниот и културниот идентитет е една од темелните вредности на европското единство.
Надоврзувајќи се на претходното обраќање на хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, претседателката порача дека Македонија очекува еднаков третман со останатите земји кандидатки, врз основа на истите правила и стандарди. Во таа насока, таа побара рамноправно вклучување на државата во подготвителните активности за пристапните преговори и можност за напредување согласно исполнетите услови.
Сиљановска-Давкова нагласи дека процесот на проширување бара суштински дијалог меѓу Европската Унија и земјите кандидатки, во кој двете страни ќе имаат можност да ги изнесат своите аргументи. Според неа, политичката волја не може постојано да се очекува само од земјите кандидати, туку треба да биде покажана и од страна на Унијата, особено преку изнаоѓање креативни решенија за надминување на долгогодишниот застој.
Како една од можностите за придвижување на процесот, таа ја посочи постепената интеграција на земјите кандидати, преку пристап до единствениот европски пазар, комитолошките механизми, дигитализацијата и другите европски политики.
Претседателката посочи дека Македонија има целосна усогласеност со надворешната и безбедносната политика на Европската Унија, а како кредибилна членка на НАТО има јасна евроатлантска определба. Во однос на реформите, таа оцени дека постојат капацитети за напредок во владеењето на правото, правосудството и борбата против корупцијата, но дека нивното спроведување бара внатрешна политичка волја, како и соодветен поттик од Европската Унија.
Говорејќи за односите со Бугарија, Сиљановска-Давкова потсети на досегашните средби со бугарските претседатели и владини претставници, нагласувајќи дека ќе продолжи да се залага за дијалог. Самитот во Брисел беше посветен на следната фаза од проширувањето на Европската Унија, напредокот на земјите кандидатки, реформските процеси и институционалните предизвици со кои се соочуваат и земјите аспиранти и самата Унија.

