ВО ИЗДАНИЕ НА МАКЕДОНИКА ЛИТЕРА Објавен романот за деца „Медо од Меденица“ од Иво Мијо Андриќ

Авторот има објавено повеќе од седумдесет книги поезија и проза и неколку стручни книги од областа на заштитата на работничките и човековите права.

ВО ИЗДАНИЕ НА МАКЕДОНИКА ЛИТЕРА Објавен романот за деца „Медо од Меденица“ од Иво Мијо Андриќ
Фото: Македоника литера

„Македоника литера“ неодамна ја објави книгата „Медо од Медведница“ роман – бајка на босанско-хрватскиот автор Иво Мијо Андриќ, во превод од хрватски на македонски јазик на Владимир Илиевски.

Читлива и симпатична приказна, која потсетува и на бајка и на басна. Главниот лик е еден од најпопуларните херои од животинското царство – мечката. Тоа е приказна зошто планината над Загреб го добила името Медведница, но и приказна за тоа како мечките живеат и преживуваат таму. Што јадат? Кој им е пријател, а кој им е непријател? Дали често среќаваат луѓе? Како се забавуваат? Какви авантури доживуваат?

Романот за деца „Медо од Медведница“ се смета за најдобра и најинтересна детска книга на Иво Мијо Андриќ (1948). Тој е хрватски поет, прозаист, есеист и драматург по потекло од Босна и Херцеговина. Пишува поезија и проза за деца и за возрасни, драми, есеи, литературни прикази и рецензии, афоризми и епиграми. Повеќето негови книги се наменети за децата. Има објавено повеќе од седумдесет книги поезија и проза и неколку стручни книги од областа на заштитата на работничките и човековите права. Застапен е во десетици заеднички книги, зборници и антологии.

Негови дела се преведени на англиски, германски, кинески, бугарски, дански, полски, словенечки, руски, ерменски, чешки, словачки, романски, македонски и арапски јазик. За своето литературно творештво, добитник е на повеќе награди и признанија.

 

 

 

CATEGORIES
Share This