ИСТОРИСКО ПОКАЧУВАЊЕ ЗА АРМИЈАТА Платите од јануари растат за 10 проценти

Договорот е постигнат во соработка со синдикатите, а покачувањето министерот го оцени како историски чекор за Армијата и одбраната.

ИСТОРИСКО ПОКАЧУВАЊЕ ЗА АРМИЈАТА Платите од јануари растат за 10 проценти
Фото: Принтскрин

Поголеми плати за припадниците на Армијата и вработените во одбраната од 1 јануари 2027 година. Примањата ќе се зголемат за 10 проценти, а покачувањето ќе ги опфати основната плата и останатите компоненти што го сочинуваат вкупниот месечен приход.

Ова го соопшти министерот за одбрана Владо Мисајловски, оценувајќи дека станува збор за историски чекор и најголемо зголемување на платите досега изразено во апсолутна вредност.

„Платите во Армијата и во одбраната се зголемуваат за 10 проценти. Тоа значи историски најголемо зголемување во апсолутна вредност. Се зголемува основната плата, но и сите компоненти што се опфатени во платата“, изјави Мисајловски.

Министерот информираше дека предлог-буџетот за 2027 година поминал на владина седница и ќе биде доставен до Собранието. Во него се предвидени дополнителни средства за реализација на најавеното зголемување на платите. Според најавите, буџетот за одбраната во 2027 година ќе биде зголемен за две милијарди денари.

Мисајловски нагласи дека договорот е постигнат преку социјален дијалог и соработка со синдикатите, со цел подобрување на статусот и материјалната положба на припадниците на Армијата и вработените во одбраната.

Покачувањето го поздравија и претставниците на репрезентативните синдикати во одбраната и на професионалните војници, Синиша Станчевски и Аднан Алити, кои изразија задоволство од постигнатиот договор и значењето на социјалниот дијалог.

„Ветив многупати дека ќе работам заедно со синдикатите, заедно со Армијата, оваа институција да биде најдобрата во државата, а со овој чекор по примањата навистина стануваме една од најдобрите институции во државата“, порача Мисајловски.

Тој упати честитки до сите вработени, посочувајќи дека припадниците на Армијата го заслужуваат ова зголемување и дека нивната улога е особено значајна како дел од НАТО-Армијата. Министерот им се заблагодари и на премиерот Христијан Мицкоски и министерката за финансии Гордана Димитриевска-Кочоска за поддршката во реализацијата на договореното покачување.

CATEGORIES
Share This