НОВИОТ ГУВЕРНЕР ПОЗНАТ, НО УТРЕ ЌЕ СЕ ОБЈАВИ – Нов министер за здравство идната недела

Во меѓувреме, се одржа средба меѓу претседателката и премиерот Христијан Мицкоски, кој дојде во претседателската резиденција за да го дознае предлогот. Според неговата изјава, до моментот на средбата тој не знаел кој од тројцата кандидати ќе биде избран.

НОВИОТ ГУВЕРНЕР ПОЗНАТ, НО УТРЕ ЌЕ СЕ ОБЈАВИ – Нов министер за здравство идната недела
Фото: Национал

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека веќе следната недела ќе го достави предлогот за нов министер за здравство до Собранието, по оставката на Арбен Таравари и неговото повлекување од Владата. Мицкоски посочи дека до крајот на неделата се очекува да се финализираат и останатите кадровски решенија за позициите што ги напуштија кадрите на Алијансата за Албанците, а предлозите ќе бидат доставени до пратениците од понеделник.

Од друга страна, цел ден траеше исчекувањето околу тоа кој ќе биде предложен за нов гувернер на Народната банка на Република Македонија од страна на претседателката Гордана Сиљановска Давкова. И покрај навестувањата дека одлуката е донесена, официјалниот предлог сè уште не е доставен до Собранието.

Утрово, претседателката изјави дека веќе е познато кој ќе биде предложен и дека согласно законот, предлогот треба да го објави Собранието, кое е надлежно да ја формализира одлуката. Но, само неколку часа подоцна, Сиљановска Давкова додаде дека документот ќе се „допрецизира“ пред нејзиното заминување на службен пат.

„Денеска ќе биде финализирано пред да заминам за Италија“, изјави таа.

Во меѓувреме, се одржа средба меѓу претседателката и премиерот Христијан Мицкоски, кој дојде во претседателската резиденција за да го дознае предлогот. Според неговата изјава, до моментот на средбата тој не знаел кој од тројцата кандидати ќе биде избран.

„Ги знам имињата на кандидатите кои беа на разговор со претседателката и за сите нив имам свое лично мислење“, рече премиерот Мицкоски.

Иако се очекуваше денеска да биде објавено името на идниот гувернер, јавноста ќе мора уште малку да почека на официјалната одлука.

CATEGORIES
Share This