ТРАМП НАЈАВИ ПОМИЛУВАЊА ЗА СИТЕ СВОИ ЛУЃЕ АКО ПОБЕДАТ ДЕМОКРАТИТЕ За законите ќе станам господин Вето

Американскиот претседател призна дека републиканците би можеле да ја загубат контролата врз Конгресот, најави дека ќе стане „господин Вето“ и порача дека однапред би ги помилувал членовите на својата администрација доколку демократите поведат постапки против нив.

ТРАМП НАЈАВИ ПОМИЛУВАЊА ЗА СИТЕ СВОИ ЛУЃЕ АКО ПОБЕДАТ ДЕМОКРАТИТЕ За законите ќе станам господин Вето
Фото: Принтскрин

Американскиот претседател Доналд Трамп јавно ја призна можноста Републиканската партија да го изгуби мнозинството во еден или двата дома на Конгресот на претстојните среднорочни избори, најавувајќи дека во таков случај би можел да ја блокира законодавната агенда на демократите со претседателски вета.

Во интервју за „Њујорк пост“, кое го пренесува „Блумберг“, Трамп објасни дека доколку демократите освојат мнозинство, ќе предлагаат закони, но тој ќе ги одбива.

„Тие ќе испраќаат закони, а вие ќе ставите вето на нив. По еден или два месеци, кога сè ќе биде отфрлено, тие ќе сфатат дека е губење време и ќе дојдеме да постигнеме договор“, изјави Трамп.

Тој рече дека се надева оти нема да мора да се соочи со такво сценарио, но неговата изјава претставува ретко јавно признание дека републиканците би можеле да претрпат изборен пораз. Според американските анкети, демократите имаат добри изгледи да освојат најмалку три дополнителни места во Претставничкиот дом, што би им овозможило да го преземат мнозинството. Неизвесна е и битката за Сенатот, каде што изборните трки во седум држави се сметаат за конкурентни.

Незадоволството на гласачите поради високите трошоци за живот и војната во Иран создава дополнителни предизвици за републиканците, и покрај традиционалната поддршка во држави како Канзас и Ајова, кои Трамп ги посети во рамки на изборната кампања.

Паралелно со предупредувањата за можен изборен пораз, Трамп изјави дека е подготвен однапред да ги помилува сите што работеле во неговата администрација доколку демократите, по преземањето на мнозинството во Конгресот, поведат кривични постапки против неговите соработници.

„Јас би го направил тоа доколку е потребно. Секако“, одговори Трамп во интервју за подкастот на „Њујорк пост“, запрашан дали би ги помилувал сите членови на својата администрација.

На дополнителното прашање дали навистина би го направил тоа, тој повтори дека е подготвен, потсетувајќи на помилувањата што ги изврши на почетокот од вториот претседателски мандат.

„Го направив тоа и за 6 јануари“, рече Трамп, алудирајќи на одлуката од јануари 2025 година со која помилува околу 1.500 лица осудени или обвинети за учество во немирите во американскиот Капитол на 6 јануари 2021 година.

Тој како пример го посочи и својот претходник Џозеф Бајден, кој на крајот од мандатот издаде превентивни помилувања за Ентони Фаучи, генералот Марк Мили, членовите и соработниците на конгресниот комитет што го истражуваше нападот врз Капитол, како и за неколку членови на своето семејство, меѓу кои и синот Хантер. Трамп ја критикуваше работата на конгресниот комитет за 6 јануари, нарекувајќи ја корумпирана, и ја оправда својата подготвеност да ги заштити соработниците со потсетување на потезите на Бајден.

Во истото интервју Трамп рече дека би сакал повторно да се кандидира за претседател доколку има можност, но призна дека уставните ограничувања се јасни. Според 22-от амандман на Уставот на САД, ниту едно лице не може да биде избрано за претседател повеќе од двапати. Трамп веќе има два претседателски мандата, па евентуална трета кандидатура би се соочила со оваа уставна пречка.

На прашањето дали очекува и самиот да биде цел на евентуални постапки од демократите, Трамп одговори дека не е сигурен.

„Ќе знаеме во вторник навечер“, рече тој, алудирајќи на резултатите од среднорочните избори.

Сепак, „Њујорк пост“ потсетува дека претседателските помилувања имаат ограничен опсег: се однесуваат на кривични дела под федерална надлежност, но не обезбедуваат заштита од државни кривични постапки, граѓански тужби или постапки за импичмент.

CATEGORIES
Share This