ШТО И ПОДГОТВУВА ДОЈЧЕ ТЕЛЕКОМ НА МАКЕДОНИЈА Мицкоски откри детали од средбата во Бон

На маса и инвестиции надвор од телекомуникациите – се разговарало за здравство, вештачка интелигенција, паметни технологии и нови индустрии со висока додадена вредност.

ШТО И ПОДГОТВУВА ДОЈЧЕ ТЕЛЕКОМ НА МАКЕДОНИЈА Мицкоски откри детали од средбата во Бон
Фото: Принтскрин

Премиерот Христијан Мицкоски и владината делегација во Бон, Германија, оствариле средба со највисокото раководство на германскиот телекомуникациски гигант „Дојче Телеком“, на која биле разгледани можностите за нов инвестициски циклус во Македонија.

На средбата, која претставува прва официјална посета на македонска владина делегација на централата на компанијата, Мицкоски разговарал со главниот извршен директор на „Дојче Телеком“, Тимотеус Хетгес, и Доминик Лерој, член на Управниот одбор и главен извршен директор за Европа.

Премиерот откри дека разговорите не биле ограничени само на телекомуникацискиот сектор, туку опфатиле и можности за инвестиции во здравството, паметните технологии и други индустрии кои можат да донесат висока додадена вредност за македонската економија.

„Разговаравме за нивните потенцијални дополнителни инвестиции во Македонија, но не се ограничивме само на телекомуникацискиот пазар. Зборувавме и за можни инвестиции во здравството, паметните технологии и други индустрии кои ќе донесат голема додадена вредност за македонската економија“, изјави Мицкоски.

Од „Дојче Телеком“ посочија дека целта на средбата е зацврстување на дијалогот и продолжување на соработката со Владата, како еден од двата најголеми акционери во „Македонски Телеком“, со фокус на дигиталната трансформација и иднината на земјата.

На разговорите биле разменети мислења и за европската конкурентност, безбедноста и дигиталниот суверенитет, како стратешки приоритети за Европа. Германската компанија ги презентирала своите капацитети во областа на cloud технологиите, вештачката интелигенција, индустриската вештачка интелигенција и сајбер-безбедноста.

„Дојче Телеком повеќе од две децении е присутен на македонскиот пазар, како партнер којшто ја гради дигиталната иднина и поттикнува прогрес. Следната фаза на дигиталната трансформација во Европа ќе ја обликуваат безбедната инфраструктура, доверливите технологии и дигиталниот суверенитет. Заедно со Владата подготвени сме да одиме напред и преку глобалната експертиза и локалното знаење и реализација, да придонесеме Македонија да биде дигитално конкурентна“, изјави Хетгес.

„Дојче Телеком“ е присутен во Македонија повеќе од 25 години преку „Македонски Телеком“, а досега има инвестирано над 1,19 милијарди евра во инфраструктура и најсовремени технологии. Компанијата располага со најголемата оптичка мрежа во земјата, покриеност со 5G од 97,9 отсто, а неодамна ја пушти во употреба и првата 5G+ мрежа во Македонија.

Дополнително, минатата година компанијата потпиша Меморандум за разбирање со Владата, со кој беа утврдени заеднички цели и активности за дигитална трансформација на земјата. Документот го потпишаа директорот на „Македонски Телеком“, Горан Марковиќ, и министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.

Покрај средбата со раководството на „Дојче Телеком“, владината делегација во Германија разговарала и со претставници на Германската стопанска комора и компании кои веќе работат во Македонија, како и со потенцијални нови инвеститори.

Мицкоски оцени дека разговорите биле исклучително успешни и изрази очекување дека тие ќе придонесат за нови инвестиции, проширување на постојните капацитети и отворање можности за економски раст и подобар животен стандард на граѓаните. Работните средби на владината делегација во Германија продолжуваат и во наредните денови.

CATEGORIES
Share This