ДРЖАВАТА ИНВЕСТИРА ВО ИН ВИТРО Надеж за повисок наталитет
Со вкупна инвестиција од 56 милиони денари, ГАК се подготвува за значајно унапредување на гинеколошко-акушерската нега и третман на неплодност, позиционирајќи се како водечки јавен здравствен центар во регионот.

Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство (ГАК) наскоро ќе добие современ ин витро центар, благодарение на инвестиција од 27 милиони денари (околу 440 илјади евра), најави директорката д-р Ирена Алексиоска-Папестиев. Оваа инвестиција е дел од поширока програма за унапредување на репродуктивното здравје и справување со намалениот наталитет во државата.
„ГАК отсекогаш ги применувала најсовремените дијагностички и терапевтски техники. Првото ин витро бебе кај нас е родено во 2000 година. За жал, во изминатите четири години не се спроведуваше ин витро постапка, но од ноември 2024 година повторно започнавме со работа,“ изјави директорката.
Таа истакна дека средствата се одобрени од Владата и Министерството за здравство и ќе бидат наменети за обновување на застарената опрема стара повеќе од 15 години.
„Очекувам со оваа инвестиција да се вратиме во чекор со светските медицински трендови, што е од суштинско значење за држава со опаѓачки наталитет“, нагласи Алексиоска-Папестиев.
Покрај изградбата на ин витро центарот, денес беше најавена и реконструкција на самата Клиника во вредност од 29 милиони денари (околу 470 илјади евра). Премиерот Христијан Мицкоски и директорката соопштија дека проектот ќе биде реализиран до крајот на годината.
Во рамки на реконструкцијата ќе се уредува платото пред Клиниката, како и ќе се реновираат чекалните, амбулантите, лабораториите и специјалистичките ординации, со цел да се подобрат условите за пациентите и медицинскиот персонал.
Со вкупна инвестиција од 56 милиони денари, ГАК се подготвува за значајно унапредување на гинеколошко-акушерската нега и третман на неплодност, позиционирајќи се како водечки јавен здравствен центар во регионот.


