САМО 8 ОД 100 ЖЕНИ РОМКИ СЕ ВРАБОТЕНИ Многу од нив молчат за насилството бидејќи немаат каде да одат
Недоволното образование, дискриминацијата и економската несигурност ги ставаат жените Ромки во особено ранлива положба.

Недовршеното образование, тешкиот пристап до вработување и економската зависност се меѓу главните причини поради кои жените Ромки се изложени на зголемен ризик од сиромаштија, дискриминација и семејно насилство.
Сабина Асанова, претседателка на Ромската асоцијација „Родоп“ од Штип, предупредува дека за многу жени и девојки отсуството на сопствени приходи значи и ограничени можности да ја напуштат средината во која се изложени на насилство.
Дополнително, дискриминацијата ја чувствуваат при барањето работа, во здравствените установи и во образовниот систем. Стравот, финансиската несигурност и недостигот од поддршка ги обесхрабруваат да пријават насилство и да побараат заштита.
„Голем дел од жените кои трпат насилство се повлекуваат и немаат храброст да пријават, бидејќи немаат поддршка каде да се обратат. Финансискиот дел им е најголем проблем, исто така и домувањето. Немаат каде да се вратат“, вели Асанова.
Таа упатува апел до жените Ромки да се охрабрат, да го пријавуваат насилството, да се образуваат, да се вработуваат и активно да се вклучат на пазарот на трудот, со цел да постигнат економска независност.
Колку е сериозен проблемот со економската зависност покажуваат и податоците на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Според податоците за периодот од 2022 до 2024 година, само осум од 100 жени Ромки се вработени.
Недоволното образование и сиромаштијата остануваат меѓу главните пречки за нивно вклучување на пазарот на трудот, со што дополнително се продлабочува економската зависност и ранливоста на жените Ромки.

