53 КОНЦЕСИИ РАСКИНАТИ, НАПЛАТАТА СКОКНА НА 1,2 МИЛИЈАРДИ ДЕНАРИ Државата ги стега рударите
Министерството за енергетика најавува построги правила за концесионерите, повисоки надоместоци и засилен инспекциски надзор.

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини презема мерки за построга контрола врз користењето на минералните суровини, поголеми приходи за државата и посилна одговорност на концесионерите. Во 2025 година наплатата од концесиски надоместоци достигнала околу 1,222 милијарди денари, додека евидентирани се 53 раскинати концесиски договори.
Една од најзначајните промени е зголемувањето на концесиските надоместоци. Со новиот Тарифник, кој се применува од 1 јануари 2025 година, надоместокот за металичните минерални суровини е зголемен од 2 на 4 проценти, а за мермерот од 1 на 5 проценти.
Ефектите веќе се видливи во државната каса. Додека во 2024 година од концесиски надоместоци биле наплатени околу 561,5 милиони денари, во 2025 година сумата достигнала 1,222 милијарди денари. Тоа е зголемување за повеќе од 660 милиони денари, без да се пресметуваат даноците и другите придонеси што ги плаќаат компаниите.
Покрај зголемувањето на приходите, Министерството презема мерки и против концесионерите кои не ги исполнуваат договорните обврски. Од институцијата посочуваат дека подобрената наплата е резултат на повисоките надоместоци, засилените теренски контроли, писмените опомени и поодлучното постапување кон оние што не ги почитуваат преземените обврски.
Во 2026 година инспекцискиот капацитет е зајакнат со тројца дополнителни инспектори, а кадровското зајакнување ќе продолжи. Од Министерството нагласуваат дека плаќањето концесиски надоместок не ги ослободува компаниите од обврските за исполнување на техничките стандарди и заштита на животната средина.
Посебно значајна промена се најавува со новите законски решенија во областа на рударството и геологијата. Предложената законска рамка предвидува концесионерите да обезбедат финансиско покритие од 100 проценти од проценетите трошоци за управување со рударскиот отпад и поврзаните обврски. Тоа претставува значително заострување во однос на сегашниот модел, во кој гаранцијата изнесува околу една третина од проценетите трошоци.
Целта е да се обезбедат доволно финансиски средства за санација, рекултивација и исполнување на обврските по затворањето на рудниците, наместо товарот од евентуалните последици да падне врз државата и граѓаните.
За долгорочно уредување на секторот, донесена е Стратегијата за геолошки истражувања и одржливо искористување и експлоатација на минералните суровини за периодот 2026–2046 година. Во нејзината подготовка учествувала и Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), а спроведени се стратегиска оцена на влијанието врз животната средина и јавна расправа. Документот ги поврзува економскиот развој, заштитата на животната средина и социјалните аспекти, а содржи и акциски план за периодот 2026–2030 година.
Од Министерството посебно реагираат на, како што велат, погрешното толкување на планските документи и концесиските постапки во јавноста. Нагласуваат дека геолошкото истражување, просторниот план, концесијата и дозволата за експлоатација се различни правни инструменти и дека нивното поистоветување е погрешно.
Самото внесување на минерално наоѓалиште или рударска намена во плански документ не претставува дозвола за отворање рудник. Исто така, доделувањето концесија не ги заменува задолжителните еколошки постапки и другите потребни одобренија.
Министерството посочува дека надзорот е поделен меѓу два инспекциски органи. Државниот инспекторат за енергетика, рударство и минерални суровини ги контролира рударските, геолошките и техничките прописи, додека Државниот инспекторат за животна средина е надлежен за контролата на исполнувањето на еколошките обврски.
Како дел од напорите за поголема транспарентност, на веб-страницата на Министерството се објавени регистри на концесиски договори, список на одземени концесии, како и регистри на овластувања и лиценци за рударски проекти и геолошка документација. Во подготовката на новите законски решенија било овозможено учество на експерти, општини, компании, граѓански организации и поединци преку системот ЕНЕР.
Од Министерството потенцираат дека секој рударски проект мора да се оценува и од аспект на влијанието врз водата, почвата, воздухот, здравјето на луѓето, земјоделството и останатите дејности во засегнатото подрачје.
Во завршната порака, Министерството упатува критики кон политизацијата на прашањето за рударството и ширењето непроверени информации. Според институцијата, користењето на загриженоста на граѓаните за политички цели, наместо за разјаснување на фактите, претставува злоупотреба на тема од сериозен јавен интерес.
„Министерството нема да носи одлуки ниту по налог на инвеститор, ниту под политички притисок, туку исклучиво согласно закон и во јавен интерес“, порачуваат од Министерството.
Оттаму додаваат дека остануваат отворени за комуникација со граѓаните, локалните заедници, стручната јавност и граѓанските организации, со цел сите постапки да се водат транспарентно, законски и согласно применливите европски стандарди.

