НЕВЕРОЈАТНА ДРАМА Само 28 поени го делеа Мбапе од тронот, Флик открива како реагирал Јамал

Хари Кејн триумфираше во неизвесна трка со Килијан Мбапе, додека младиот Ламин Јамал заврши трет.

НЕВЕРОЈАТНА ДРАМА Само 28 поени го делеа Мбапе од тронот, Флик открива како реагирал Јамал
Фото: Принтскрин

Трката за „Златната топка“ за 2026 година донесе неизвесност до самиот крај, а по бројните прогнози, шпекулации и очекувања, престижното признание заврши во рацете на англискиот напаѓач Хари Кејн. Фудбалерот на Баерн Минхен успеа да го победи својот најголем конкурент, францускиот репрезентативец Килијан Мбапе, со разлика од само 28 поени.

Според доставениот конечен пласман, Кејн освоил 1.055 поени, додека ѕвездата на Реал Мадрид завршила со 1.027 поени. Третото место му припаднало на Ламин Јамал од Барселона, кој освоил 881 поен, односно 174 помалку од победникот.

Неколку дена по церемонијата, француските медиуми „Лекип“ и „Франс фудбал“ ги објавиле деталните резултати од гласањето, откривајќи колку била тесна трката меѓу двајцата водечки кандидати.

Особено интересни се податоците за гласањето на меѓународното жири, составено од 100 специјализирани спортски новинари.  Секој новинар избирал десет фудбалери, доделувајќи 15 поени за првото место, 12 за второто, 10 за третото, а потоа 8, 7, 5, 4, 3, 2 и 1 поен за останатите позиции. При оценувањето биле земени предвид индивидуалните настапи, клупските успеси и репрезентативните достигнувања во периодот од 3 август 2025 до 19 јули 2026 година.

Интересно е што Кејн, иако го освоил признанието, воопшто не добил поени од претставниците на Брегот на Слоновата Коска и Мексико. Неговиот најголем конкурент Мбапе, пак, останал без поени од новинарите од Грција, Украина и Шкотска.

Според доставените резултати, првите десетмина се:

Пласман Фудбалер Поени
1 Хари Кејн 1.055
2 Килијан Мбапе 1.027
3 Ламин Јамал 881
4 Родри 726
5 Лионел Меси 612
6 Хвича Кварацхелија 541
7 Усман Дембеле 418
8 Ерлинг Халанд 378
9 Михаел Олисе 296
10 Фабијан Руиз 201

Зад најдобрите десет се најдоа и Џуд Белингам, Пау Кубарси, Ашраф Хакими и Витиња, додека меѓу фудбалерите со помал број поени се Маркињос, Дајо Упамекано, Бруно Фернандеш, Хулијан Кињонес, Садио Мане и Вилијам Салиба.

Еден од најголемите фаворити пред доделувањето на наградата бил младиот Ламин Јамал, кој со своите настапи во дресот на Барселона и шпанската репрезентација ги воодушевуваше фудбалските љубители. Очекувањата биле огромни, а и самиот фудбалер се надевал дека извонредната сезона ќе ја круниса со најпрестижното индивидуално признание.

Сепак, наместо на највисокото скалило, Јамал завршил на третото место, зад Кејн и Мбапе. За еден млад играч со толку големи амбиции, ваквиот исход несомнено претставува спортско разочарување, но неговиот тренер Ханси Флик открил дека реакцијата на фудбалерот била на високо професионално ниво.

Германскиот стратег не го криел задоволството од начинот на кој Јамал го прифатил исходот од гласањето.

„Горди сме на Јамал затоа што реагираше навистина добро и гледам дека е фокусиран на тренинзите. Тоа е реакција на шампион. Среќен сум што е на својот пат и што има таков менталитет, што е исклучително важно за целиот тим“, изјавил Флик.

Тренерот на Барселона истовремено покажал почит и кон освојувачот на наградата.

„На крајот, и Хари ја заслужи наградата“, порачал Флик.

Иако годинава останал без посакуваниот трофеј, Јамал со своите настапи и високото место во изборот потврдил дека е меѓу најистакнатите фудбалери на новата генерација.

CATEGORIES
Share This