ФЛИК ПО ДВАТА ПОРАЗИ НА БАРСА Ништо не е загубено

По неуспесите против ПСЖ и Реал Мадрид, тренерот на Барселона бара реакција од тимот, и покрај бројните повреди, а против Алавес ги посакува само трите бода.

ФЛИК ПО ДВАТА ПОРАЗИ НА БАРСА Ништо не е загубено
Фото: Принтскрин

Тренерот на Барселона, Ханси Флик, на прес-конференцијата пред утрешниот дуел со Алавес на домашен терен се осврна на актуелната ситуација во тимот по двата последователни порази од сериозни противници – Пари Сен Жермен во Лигата на шампионите и Реал Мадрид во „Ел Класико“.  Германскиот стратег порача дека разочарувањето по неуспесите е очекувано, но дека тимот мора да продолжи напред, да извлече поуки и да се фокусира на следните предизвици.

Флик нагласи дека патот до крајот на сезоната е долг и дека двата порази не значат дека Барселона ги загубила шансите за остварување на своите цели.

„Ова е она што отсекогаш сум го кажувал, патот е многу долг. Ништо не е загубено. Поразени сме од Реал Мадрид и никому не му се допаѓа тоа, но мора да се соочиме со ситуацијата и да научиме од неа“, изјави тренерот на Барселона.

Тој смета дека неговиот тим можел да извлече подобар резултат од „Ел Класико“, имајќи ги предвид создадените шанси, но потенцираше дека поразот мора да се прифати.

Покрај резултатската криза, Барселона се соочува и со проблеми со повредени играчи, што дополнително го отежнува составувањето на тимот. Флик ги спомена Жил, Чави Еспарт, Олмо, Ерик Гарсија и Кристенсен како играчи кои се надвор од составот.

„Не е лесно да се справиме со ова и мора да најдеме решенија“, истакна германскиот тренер.

Барселона сега се насочува кон домашниот натпревар против Алавес, на кој победата е императив за враќање на самодовербата и продолжување на борбата за сезонските цели.

„За утре, работите се јасни, трите бода се најважни“, порача Флик.

На почетокот на прес-конференцијата, тренерот на Барселона, во име на клубот, изрази сочувство до семејствата погодени од трагичната железничка несреќа во Толедо.

„Стоиме зад овие семејства, испраќајќи им ја целата наша позитивна енергија и целата наша љубов“, изјави Флик.

https://nacionalno.mk/real-ja-nokautira-barselona-flik-otkri-kade-e-problemot-ne-sme-100-procenti-podgotveni/

CATEGORIES
Share This