Брисел не сака Македонци во ЕУ – кој стои зад планот за блокада
Во остра колумна, авторот тврди дека преговарачката рамка е главната пречка за европската интеграција и бара поништување на вториот протокол со Бугарија. „Друг излез Македонија - нема“, порачува тој.

Колумна, Национал
Амбасадор Ристо Никовски
Четврток, 29 октомври 2026 година
Ако малку подлабоко се анализираат политиките на Брисел, во сите овие 35 години, јасно ќе се види дека Унијата нема намера да ја прими Македонија! Преговарачката рамка е главен доказ дека тоа е точно. Со неа, Македонија нема никогаш ни да се приближи до Брисел, камоли да стане членка. А рамката, воопшто не е случајна. Ако некој мисли дека таа е скроена (само!) врз бугарски историски синдроми длабоко се лаже. Да потсетиме таа беше подметната како „француски предлог“. А Париз воопшто не крие дека стои зад рамката, која е и тотално нелегална. Претходно, како претседавачи со ЕУ, слично се однесуваа и Германија и Португалија, што е веќе некаков консензус против Македонија.
Причините за таквата политика на ЕУ воопшто не се случајни: влеземе ли во ЕУ како Македонци, дефинитивно се затвора „македонското прашање“. Тоа би била симболична, ама и трајна потврда од 27 европски држави дека има одвоен македонски народ, има автохтон македонски јазик…, што никој потоа нема да може да ги негира. Тоа е суштината зошто се спречува нашето членство.
По прогласувањето независна македонска држава, клучната намера на главниот меѓународен фактор беше, и сѐ уште е, дефинитивно затворање на „македонското прашање“ ама со бришење на Македонците, а не со нивно прифаќање! По распадот на СФРЈ, токму заради реализација на таа цел, бевме секојдневно исправени пред голготи: непризнавање, блокади, ултиматуми, уцени… Таквото сценарио беше замислено во Вашингтон, а Брисел целосно го поддржува(ше). Врз основа на таа намера е и сегашното финале: со агресивен притисок наместо во ЕУ Македонците да бидат побугарени! Во дипломатијата и политиката, ништо не е случајно.
Во истиот контекст, Брисел никогаш не користи термин „македонски народ“, да не зборуваме за „Македонци“, а изразот „македонски јазик“ максимално го одбегнува. Ги наведувам и нивните последни изјави, кои се добра потврда за ова.
Пред некој ден во Скопје, Фон дер Лајен во лице ни плесна „Ние ќе ѝ посакаме добредојде на (С.) Македонија со нејзиниот идентитет (?!?) и со нејзиниот јазик. Веруваме дека македонската култура и македонскиот јазик може да ја направат нашата унија побогата“. Барем засега, јазикот, културата, црквата, Владата… не можат да ги игнорираат како македонски, ама „македонски народ“ и „Македонци“ можат! И тоа апсолутно не е случајно. Нивната пракса, пак ние ја толерираме? Зошто? Од каде сега, за Урсула, и Македонија има идентитет?! Во Скопје, порано ни велеа „вашата земја“, за да не ја користат референцата од ООН, со што ќе го кршеа нашиот устав! Фон дер Лајен ни рече и дека сме биле „земја што си стои на зборот“. Тоа е остро предупредување да не помислуваме на откажување на капитулантските обврски, кои се резултат на класични предавства. Нејзе, тоа ѝ е секако добро познато. Но таа и нѐ пофали „Преспанскиот договор беше момент на вистинска политичка храброст…“! Таа добро знае дека и фашистичка Франција, на маршал Петен, била исто така „момент на вистинска политичка храброст“! Арно ама предавничка, како и во Нивици!
Марта Кос, комесарката за проширување, пак, нѐ уверува: „Многу земји имаат заедничка историја. Добро е што се признава тоа, но да гледаме кон иднината…“! И, се разбира, не кажа кои земји? На пример, дали нејзината Словенија има заедничка историја со Италија, која окупираше нејзини делови? Си играат мајтап со нас, што друго? Деновиве, таа надмено ни соопшти дека мораме да го менуваме Уставот ако сакаме во ЕУ. А не може да не ѝ биде јасно дека, прво, ЕУ не може да поставува ултиматум за промена на нечиј устав по барање на земја членка. Второ, дека тој ултиматум се базира на обврска произлезена од обичен записник, со кој Унијата нема никаква врска, и во никој случај не може да се повикува на него. И, трето и клучно, тој записник е од повеќе аспекти нелегален, што секако ѝ е добро познато и на Марта.
Овие примери само потврдуваат дека Брисел има детално разработена стратегија за Македонија, со цел по секоја цена да го спречи нејзиниот прием. И тераат по свое, оти ние немаме стратегија за спротивставување. Профитираат од сите наши предавства наметнати од нив. Нѐ третираат понижувачки и нѐ држат на недостижна дистанца. А, ние?
Има уште нешто исклучително важно, што за нас не е ниту тема. И Софија и Атина нема никогаш да дозволат да влеземе во ЕУ! Чиста лага е нивното постојано повторување дека нѐ поддржуваат! Софија го стави тоа дури и во договорот за (не)пријателство. И двете држави прават сѐ, ама ќе прават уште повеќе, се разбира под маса – за да го спречат нашиот прием. Македонци во ЕУ е последното што го сакаат тие. Впрочем, Македонија не е проблем, ама беше прекрстена токму заради разнебитување на Македонците.
Ако ние влеземе во ЕУ како Македонци, Софија и Атина веќе нема да можат да го игнорираат нашето постоење и паѓаат во вода нивните вековни политики. А главните експонирани фактори што отворено го негираат тоа се токму тие! Другите се кријат. Втората многу важна причина – се македонските малцинства кај нив. Влеземе ли во ЕУ, директно се обединува историскиот македонски простор. Вардар, Егеј и Пирин ќе бидат повторно заедно. Тоа ќе отвори широки можности за непречено развивање на македонизмот секаде каде што се Македонците и тешко ќе се попречува тоа.
Слободно може да се заклучи дека нема теоретска шанса Бугарија и Грција во ЕУ да прифатат Македонци, македонски јазик…! За реализација на таа задача, сега е нагласено ангажирана Софија, а порано беше Атина. По распадот на Југославија, Бугарија и Грција непрекинато многу блиску се координираат против Македонија и Македонците. Најнов доказ за тоа се моштите на цар Самуил. Воопшто не е наивно што тоа се случи токму сега. Очигледно, оценките се дека кругот дефинитивно се затвора. И ќе се затвори, ако ние дозволиме! Пред дваесет години, британски експерт за Балканот, кој неколку години живееше и во Скопје, по посета на Атина, ми рече изненадени се зошто Софија одложува и не се вклучува поагресивно против Македонија. Вклучувањето можеби малку доцнеше, ама жестоко следуваше.
Бугарија нема никогаш да прифати одложена промена на нашиот устав бидејќи нема намера да нѐ „пушти“ во Унијата. Тоа значи дека променетиот устав нема никогаш да стане оперативен. Софија, ама и Брисел…, се одлучни дека Македонци не можат да влезат во ЕУ. Од друга страна, и во Бугарија, ама и пошироко, се свесни дека и ние нема никогаш да се согласиме дека сме „Бугари по род“, со јазик што е бугарски дијалект… Поминаа времињата кога тоа беше можно.
Чинам дека сега е појасно зошто Унијата целосно ја поддржува Софија? Зад нашето побугарување стојат клучни фактори, а реализацијата на планот, без Бугарите во Уставот, очигледно ќе биде исклучително отежната. Ова е нов аларм за нас: ако не ги поставиме односите на реципрочна основа Бугари кај нас, ама и Македонци кај нив, лошо ни се пишува.
Картите сега се во рацете на Софија, иако и Атина ќе прави многубројни проблеми во преговарачкиот процес, ако некогаш го започнеме. Тоа отворено го најави нивната претседателка, на средбата со Пендаровски. Објективно, Софија сега нема простор за какви било отстапки од своите максималистички цели, веќе вградени во рамката, ниту пак можност да ја менува неа. Затоа, сегашните контакти со Бугарија се само наше ново понижување и губење време. Ако остане рамката, а немаат никакво влијание врз неа, дури и нешто да понудат, сѐ ќе биде џабе! Во рамката се сите идни протоколи и, ако ги нема – по автоматизам се прекинуваат и преговорите.
Одбивањето на Софија, пак, на нашиот акциски план за малцинствата е добро испланирано! Таков план нема ниту за една друга земја и за нас е измислен, како дополнителна уцена за промена на Уставот! Како може да „помине“ таков план во Софија без да внесеме непостојни „Бугари“ во него? Планот ќе се прифати само по промената на Уставот! Преговори на таа тема се – бесмислени. Ќе ни држат лекции, Брисел ќе стимулира… бидејќи проблемот е кај нив, а Софија е само непосреден повод. Нѐ прават недоветни, што друго?
Ако сакаме да успееме, на вистината мора да ѝ погледнеме во очи, иако не е розова. Ако продолжиме како досега, нема никаде да стигнеме. Пресвртот мора да започне со откажување на вториот протокол, а да продолжи со постепено ама интензивно деконтаминирање на тешко загадениот политички терен. Приоритет мора да има средувањето на односите со Бугарија, а потоа со другите.
Без тоа, нема да има не само членство во ЕУ туку и Македонци. Предизвикот е огромен ама, сепак – сѐ зависи од нас! Ќе успееме само ако знаеме што сакаме, со соодветна стратегија и потпомогнати од странски експерти. Ултиматумот за Уставот, и преговарачката рамка, кои се нашите гробари, може да се срушат само со поништување на вториот протокол. Друг излез Македонија – нема. Патоказ од Брисел, нема да добиеме. Пореален од овој – тешко дека има! Да не забораваме, ЕУ и Софија ги бранат своите интереси. Ние мораме да ги браниме нашите.
Фактот што Унијата нема да се шири уште долго е поволен за нас. Имаме време да се избориме за нашите права и да си ги отвориме сопствените перспективи. Без тоа, сите трубења околу Унијата ќе бидат чиста лага и непотребно губење време и енергија. Народот мора да ја знае вистината ако сакаме да ни верува и да нѐ поддржува.
П.С. Подетално за нелегалноста на преговарачката рамката има во „Дали Фон дер Лајен ги призна грешките на Унијата?“ Текстот е од истиот автор и го има на интернет

