ОБВИНИТЕЛСТВОТО ОСТАНУВА НА СТАВОТ ЗА КОРИСТОЉУБИЕ Ново рочиште за убиствата на Вања и Панче

Во Основниот кривичен суд Скопје денеска се одржува ново рочиште за случајот со убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. На претходното рочиште започна дополнување на доказната постапка, при што Обвинителството презентираше нови видео-снимки од безбедносни камери кај осомничениот Велибор Манев.
На снимките се гледа како Манев става лопата во возилото „Рено Кангу“, што според обвинителката Жаклина Трајковска, е доказ дека убиството било однапред планирано, а не само киднапирање.
„Апсолутно станува збор за користољубие. Сите обвинети се координирале со една цел – лична корист“, изјави Трајковска.
Обвинителството исто така посочи дека обвинетиот Боре Видевски не бил на работа на денот на убиствата и дека нема докази за пробно испукување со неговото оружје.
Одбраната на Палевски и Видевски побара вештачење на чаурата пронајдена покрај телото на Жежовски.


