ВЕШТАЧКАТА ИНТЕЛЕГЕНЦИЈА ОТВОРА НОВА ОПАСНОСТ ЗА ДЕЦАТА Една фотографија може да стане средство за уцена
Со само неколку клика, фотографии на деца можат да бидат претворени во лажни сексуализирани слики и видеа. Последиците се реални – од врсничко насилство и понижување до закани, уцени и страв.

Вештачката интелигенција сè повеќе го олеснува секојдневието, но нејзината злоупотреба отвора и нови форми на дигитално насилство. Особено загрозени се децата и младите, чии фотографии можат да бидат искористени за создавање лажна и компромитирачка содржина, без нивна согласност.
За злоупотребата не е неопходно фотографијата да биде јавно објавена на социјалните мрежи. Доволно е некој да ја добил во доверба, а потоа да ја искористи за манипулација со помош на алатките за вештачка интелигенција.
Создавањето манипулирани фотографии и видеа веќе не бара напредни технички знаења. Со неколку едноставни чекори, постојна фотографија може да биде претворена во лажна сексуализирана содржина, која изгледа уверливо иако никогаш не се случила.
Ваквите материјали можат да се користат за врсничко насилство, исмевање, заплашување и уцена. Сторителите можат да се закануваат дека ќе ги објават или испратат до други лица доколку детето не испрати дополнителни фотографии, не плати пари или не направи нешто против своја волја.
Во такви ситуации, жртвите често се соочуваат со страв, срам и чувство на беспомошност. Дополнителен проблем е што можат да се плашат да побараат помош, особено ако се загрижени дека околината нема да им поверува.
Кај ваквите злоупотреби не е пресудно дали фотографијата е автентична. Доколку изгледа уверливо, може да предизвика сериозен стрес и да го наруши чувството на сигурност кај детето. Родителите и институциите се соочуваат со нов предизвик да утврдат што навистина се случило, да го заштитат детето и да спречат понатамошно ширење на содржината.
Опасноста е уште поголема поради брзината со која дигиталните материјали се пренесуваат на интернет. Дури и кога некоја фотографија ќе биде отстранета, можно е претходно да била зачувана, снимена од екранот или испратена до други лица.
Заканите и вознемирувањето преку интернет можат да продолжат во секое време, без разлика дали детето е на училиште или дома. Пораките, уцените и стравот од објавување компромитирачка содржина можат постојано да ја нарушуваат неговата безбедност и секојдневие.
Затоа, важно е децата да знаат дека можат да побараат помош од родителите или од возрасно лице во кое имаат доверба, без страв од осуда. При сомнеж за уцена или злоупотреба, треба да се зачуваат доказите и да се побара помош од надлежните служби.
Вештачката интелигенција може да создаде лажна фотографија, но стравот, уцената и последиците врз детето можат да бидат сосема реални.

