СОБРАНИЕТО ЕДНОГЛАСНО, РАБОТА БЕЗ ГУБЕЊЕ НА ПРАВА Пензионери и студенти добиваат нова шанса
Со измените се предвидува и државата да ги преземе обврските за плаќање на придонесите за пензиско и здравствено осигурување за овие ангажирани лица.

Собранието на Република Македонија денеска едногласно, со 73 гласа „за“, ги усвои измените и дополнувањата на Законот за работно ангажирање на лица. Со новите одредби се овозможува работно ангажирање на пензионери, студенти, странци и други категории граѓани кои досега немаа можност за ваков тип на вработување.
Работно ангажирано лице согласно овој закон, може да биде:
– лице кое не е во работен однос;
– вработено лице;-
– самовработено лице;
-лица помлади од 18 години кои согласно општите прописи од работните односи ги исполнуваат условите за засновање на работен однос;
– студенти;
– корисник на семејна и старосна пензија, со исклучок на корисници на семејна пензија по основ на неспособност за работа и самостоен живот и
– странец кој има регулиран престој согласно закон.
Согласно овој закон лицата кои ќе бидат ангажирани по овој однос нема да ги загубат стекнатите права по другите односи, што значи дека пензионерите ќе можат да работат и да ја задржат својата пензија, додека студентите ќе можат да стекнат искуство и дополнителни приходи.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, истакна дека со законот се уредува дополнителната и сезонската работа, при што ангажираните лица нема да ги загубат веќе стекнатите права по други основи. Тој додаде дека новото законско решение ќе биде поддржано со грант од 200.000 евра од германска институција.
„Од овој закон ќе имаат полза сите – државата преку зголемени буџетски приходи, работодавачите преку полесен пристап до работна сила, и граѓаните кои ќе добијат можност за дополнителна заработка во дејноста која ја сакаат“, рече Стојаноски.
Тој посочи дека приоритет ќе имаат секторите со недостиг на работна сила, како што се угостителството, земјоделството и услужните дејности. Според него, ако се прошири опфатот на дејности, би можело да се создаде дисбаланс на пазарот на трудот.
Со измените се предвидува и државата да ги преземе обврските за плаќање на придонесите за пензиско и здравствено осигурување за овие ангажирани лица. Очекувањата се дека околу 30.000 граѓани ќе бидат вклучени во системот преку оваа мерка.


