РАБОТНИЦИТЕ ПРЕД НОВА ДЕБАТА Помалку празници или плата според одработените часови
Синдикатот остро се спротивстави на кратењето на празничните права, а Владата порача дека стекнатите права мора да се почитуваат.

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, предлогот на Стопанската комора за намалување на бројот на неработни денови го оцени како навредливо за работниците, особено затоа што работата за време на празник се плаќа со дневница зголемена за 250 проценти.
„Размислувањето на работодавачите да скратат нешто што не плаќаат, а денес работата на празник е 250% дневница, и тие да сакаат да скратат само за да не ги платат, не само што сметаме дека е несериозно, туку и крајно навредливо за работниците“, изјави Трендафилов.
Тој потсети и дека работодавачите се спротивставиле на зголемувањето на минималната плата и на другите плати, оценувајќи дека дополнително ограничување на празничните права би било удар врз работничкото достоинство.
Од власта, пак, пристигна порака дека стекнатите работнички права мора да се почитуваат. Премиерот Христијан Мицкоски, а потоа и министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, го истакнаа овој став во реакциите на предлозите на стопанствениците.
Така, дебатата за празниците се проширува и на прашањето како треба да се организира и вреднува трудот: преку ограничување на неработните денови или преку модел што би ја поврзал заработката со бројот на одработени часови и продуктивноста.

