ПРОДОЛЖУВА СУДЕЊЕТО ЗА ПУЛС Семејствата на загинатите застанаа зад обвинителството

Во судницата во Идризово продолжува вкрстеното испитување на вештакот Петре Русески. Александар Наунов предупреди дека не смее да има релативизирање на фактите во постапката за трагедијата во која загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.

ПРОДОЛЖУВА СУДЕЊЕТО ЗА ПУЛС Семејствата на загинатите застанаа зад обвинителството
Фото: Национал

Со дополнителни и вкрстени прашања на одбраната до вештакот Петре Русески денеска продолжува судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Рочиштето се одржува во судницата во Идризово, при Основниот кривичен суд Скопје.

Пред почетокот на судењето, Александар Наунов, родител на едно од загинатите деца, во име на семејствата изрази поддршка за Јавното обвинителство и начинот на кој го спровело вкрстеното испитување на вештакот на одбраната на претходното рочиште. Според него, во текот на испитувањето биле откриени сериозни противречности во исказот на Русески.

Наунов нагласи дека стручните тврдења во судската постапка мора да се темелат на објективни и проверливи сознанија, оценувајќи дека процесот не е само утврдување правна одговорност, туку и борба за вистината и правдата за загинатите.

„Во судница во која се одлучува за одговорноста за изгубени човечки животи, не смее да има простор за релативизирање на фактите, за селективно толкување на доказите или за обиди вистината да се прикаже поинаку од она што навистина се случило“, порача Наунов.

Тој изрази очекување обвинителството да продолжи со доследен, решителен и професионален пристап до целосното расветлување на трагедијата.

„Но, зад сите правни аргументи, вештачења, докази и судски рочишта стои една неизмерна човечка болка. Стојат 63 прерано згаснати животи. 63 насмевки што никогаш повеќе нема да ги видиме, 63 неостварени соништа и иднини кои сурово беа прекинати“, изјави тој.

На претходното рочиште, градежниот вештак Петре Русески, кој го изработил вештачењето за првообвинетиот Дејан Јованов и уште двајца обвинети, остана на ставот дека од градежен аспект објектот одговорил на својата намена и дека изведените зафати претставувале градежно-занаетчиски работи.

Обвинителството, пак, постави прашања за опфатот на вештачењето, безбедносните аспекти на објектот и претходните професионални ангажмани на вештакот.

Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.

Пожарот во дискотеката „Пулс“ избувна на 16 март 2025 година, за време на концерт на групата ДНК. Во трагедијата загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.

CATEGORIES
Share This