ЕДНО ЕВРО ЗА ГЛАС Навивачите избираат која година ја заслужува „Златната топка на сите времиња“

Меси, Роналдо и уште осум фудбалски легенди се во трка за признанието B.O.A.T. Победникот ќе биде избран преку интернет-гласање, при што секој глас чини едно евро, а бројот на гласови по лице е неограничен.

ЕДНО ЕВРО ЗА ГЛАС Навивачите избираат која година ја заслужува „Златната топка на сите времиња“
Фото: Принтскрин

Организаторите на „Златната топка“ во 2026 година го започнаа изборот „Златната топка на сите времиња“ (All Time Ballon d’Or – B.O.A.T.), со кој навивачите добиваат можност да ја изберат најимпресивната година во историјата на ова престижно фудбалско признание.

За разлика од традиционалната „Златна топка“, чиј добитник го избира жири составено од спортски новинари, во овој избор одлучуваат навивачите преку интернет-гласање.

Во изборот учествуваат исклучиво фудбалери кои ја освоиле „Златната топка“ најмалку двапати. Сепак, не се гласа само за играчот, туку за конкретната година во која ја освоил наградата. Така, навивачите можат да го поддржат Лионел Меси за 2012 година или Кристијано Роналдо за 2016 година.

Гласањето се одвива онлајн, а секој глас чини едно евро. Според утврдените правила, корисникот купува дигитална фотографија со која добива право да гласа. Нема ограничување на бројот на гласови што може да ги даде едно лице, под услов за секој нов глас повторно да плати по едно евро.

Десет легенди во трката за признанието

На официјалниот список се наоѓаат десет фудбалери кои заедно освоиле 32 „Златни топки“ во своите кариери.

Кандидатите се:

  • Лионел Меси – 8 „Златни топки“
  • Кристијано Роналдо – 5
  • Мишел Платини – 3
  • Јохан Кројф – 3
  • Марко ван Бастен – 3
  • Роналдо Назарио – 2
  • Франц Бекенбауер – 2
  • Алфредо ди Стефано – 2
  • Кевин Киген – 2
  • Карл-Хајнц Румениге – 2

Гласањето завршува на 27 октомври во 23:59 часот по централноевропско време, додека победникот треба да биде објавен на 28 октомври.

Отсуството на Пеле, Диего Марадона и други легендарни јужноамерикански фудбалери е поврзано со историските правила за доделување на „Златната топка“.

Од 1956 до 1994 година, за наградата можеа да се натпреваруваат само европски фудбалери што играле во европски клубови. Во 1995 година, правилата беа проширени и на играчи од други националности, но само доколку настапувале за европски клубови. Тоа значело дека Пеле и Марадона, и покрај нивниот огромен придонес во светскиот фудбал, не можеле да ја освојат наградата во периодите кога настапувале надвор од Европа.

Дури во 2007 година, „Златната топка“ стана глобално признание, достапно за професионалните фудбалери без оглед на нивната националност или клубот и лигата во која играат.

Токму овие историски ограничувања повторно го отвораат прашањето за тоа како би изгледала трката за најголемото индивидуално фудбалско признание доколку сите легенди на играта отсекогаш имале еднаква можност да се натпреваруваат.

CATEGORIES
Share This