СЛУЧАЈОТ СО ИВА МИХАИЛОВА ДОБИВА НОВА ДИМЕНЗИЈА Констатирани прекршоци, ќе се проверува и приватна клиника

Министерството за здравство бара проширување на надзорот на ДСЗИ и стручен преглед на медицинскиот аспект од лекувањето во 2025 и 2026 година.

СЛУЧАЈОТ СО ИВА МИХАИЛОВА ДОБИВА НОВА ДИМЕНЗИЈА Констатирани прекршоци, ќе се проверува и приватна клиника
Фото: Принтскрин

Министерството за здравство побара проширување на надзорот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) за случајот со Ива Михаилова, со вклучување на здравствените установи во кои во текот на 2025 и 2026 година ѝ биле давани здравствени услуги. Дополнително, ќе биде формирана комисија за стручен надзор која ќе го разгледува медицинскиот аспект на нејзиното лекување, информираше министерот за здравство Сашо Клековски.

Одговарајќи на новинарски прашања по промоцијата на проектот за набавка на 100 нови амбулантни возила, Клековски рече дека во извештајот на ДСЗИ, кој се однесува на лекувањето на Михаилова и професорот Иван Барбов, веќе се констатирани прекршоци. Поради тоа, побаран е стручен надзор за медицинскиот дел од случајот.

Министерот појасни дека побарал дополнување на извештајот, бидејќи досегашниот надзор, инициран од Клиниката за неврологија, не ги опфатил сите здравствени установи и постапки низ кои поминала пациентката во земјава.

„Во основа барав дополнување на извештајот на ДСЗИ, бидејќи не е следена целата патека и здравствените постапки кои Ива ги имала во здравствените установи во Македонија. Дополнително побарав надзорот да се прошири на една приватна здравствена установа каде што е третирана во меѓупериодот, за да добиеме комплетна препорака“, изјави Клековски.

Тој посочи дека дополнителниот надзор треба да овозможи целосен увид во здравствените услуги што ѝ биле дадени на Михаилова, по што ќе може да се донесе посеопфатна оценка за медицинскиот аспект на случајот.

Осврнувајќи се на средбата со бугарската министерка за здравство во Софија, Клековски рече дека разговарале за повредените во трагедијата во Кочани, но не и за случајот со Михаилова.

„Во основа постигнавме премолчена согласност дека прашањето на Ива не е здравствено прашање, туку е прашање од доменот на правдата, бидејќи лицето е бегалец од правдата, барано со меѓународна потерница. Како што е тоа прашање на правдата, а не здравствено прашање, не го разговаравме“, рече Клековски, пренесе МИА.

Премиерот Христијан Мицкоски, кој исто така присуствуваше на промоцијата на проектот за набавка на 100 нови амбулантни возила, ја коментираше изјавата на бугарскиот министер за внатрешни работи, оценувајќи дека таа не заслужува посебно внимание.

„Имам што да одговорам, но мислам дека поединци не заслужуваат да бидат во центарот на вниманието. Мислам дека ваков тип на естрада којашто денеска ја гледаме таму, а којашто е поврзана со фолклорот за нивните претседателски избори, не заслужува коментар и мислам дека треба да ги игнорирате и вие како медиуми ваквите изјави на поединци“, изјави Мицкоски.

Во врска со повредените во трагедијата во Кочани, министерот Клековски најави дека заедно со работната група се подготвуваат планови кои наскоро ќе бидат јавно презентирани.

CATEGORIES
Share This