БЛИСКУ ДО СЕМЕЈСТВАТА Е ПРЕПОРАКАТА НА СТРАНСКИТЕ ЛЕКАРИ Рехабилитацијата на повредените ќе се одвива во Кочани
Министерството за здравство најави и план за реконструкција на болницата во Кочани, како и на други здравствени установи низ државата, поради долгогодишно занемарување на инфраструктурата и кадарските капацитети.

Во Општата болница во Кочани сè уште се лекуваат дел од повредените во трагичниот пожар, додека 11 пациенти продолжуваат со третман во странски здравствени институции. Двајца пациенти во Кочани добиваат интензивни преврски, а околу 40 лица се подложени на рехабилитација. Недостатоците со стручен кадар во болницата се компензираат преку поддршка од специјалисти од Клиничкиот центар во Скопје и од болницата во Козле.
Заменик-министерот за здравство, Јовица Андоновски, информираше дека цел оддел од ГОБ „8 Септември“ и од Клиниката за пластична хирургија се подготвени да ги прифатат пациентите на кои им е потребно понатамошно лекување.
„Од вкупно 45 лица обучени од британски стручњаци за физикална и психолошка рехабилитација, само 10 се од Кочани. Останатите 35 се подготвени веднаш да бидат распределени каде што има потреба“, истакна Андоновски.
Според препораките на странските лекари, рехабилитацијата треба да се одвива во Кочани, со цел пациентите да бидат блиску до своите семејства.
Директорката на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија, д-р Јасмина Ѓоргиевска Павловска, изјави дека за пациентите се обезбедуваат сите потребни терапии:
„Се користи плазма богата со тромбоцити, се применуваат лепенки за спречување на лузни, како и заштитни креми со фактор,“ додаде таа.
Во странство моментално се лекуваат 11 пациенти: тројца во Грција, четворица во Србија, по еден во Австрија и Словенија, како и двајца во Турција. Сите се во стабилна состојба и се под редовен медицински надзор.
Во Македонија остануваат седум пациенти, за кои во наредните четири дена ќе се врши стручна евалуација од тим составен од специјалисти на КАРИЛ, ГОБ „8 Септември“, Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“, како и од клиниките за пластична хирургија и токсикологија.
„Апелираме до сите кои се засегнати – и оние што не беа хоспитализирани – да дојдат во Општата болница во Кочани за проценка“, порача директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски.
Министерството за здравство најави и план за реконструкција на болницата во Кочани, како и на други здравствени установи низ државата, поради долгогодишно занемарување на инфраструктурата и кадарските капацитети.


