СКОПЈЕ СТАНУВА СВЕТСКА ЏЕЗ СЦЕНА Почнува 45. Скопски џез фестивал

Рекорден број изведувачи од 13 земји, светски музички имиња и три полноќни концерти ќе го одбележат четиридневното фестивалско издание.

СКОПЈЕ СТАНУВА СВЕТСКА ЏЕЗ СЦЕНА Почнува 45. Скопски џез фестивал
Фото: Принтскрин

Словенечкиот перкусионист, тапанар и композитор Златко Каучич вечерва во Националната опера и балет ќе го отвори 45. издание на Скопскиот џез фестивал (СЏФ). Тој ќе настапи со својот состав „Комбо БЦ“ и проектот „Bravery of the Brave“ („Храброста на храбрите“).

По настапот на Каучич, публиката ќе има можност да го проследи концертот на тенор-саксофонистот, кларинетист и композитор Леонхард Скорупа, кој го предводи меѓународниот квинтет „Quispel Quintet“.

За отворањето на фестивалот, Скорупа компонира ново музичко дело, а својот основен состав ќе го прошири со тројца македонски музичари: Божидар Пеиќ на виолончело, Бојан Талевски на виола и Ѓорѓи Петрушевски на обоа. Заедно ќе настапат како октет под името „Quispel Octet“.

Полноќниот концерт ќе го одбележи италијанско-американското дуо составено од вибрафонистот Пасквале Мира и вокалистот Хамид Дрејк, еден од најзначајните перкусионисти на сцената на импровизираниот џез.

Втората фестивалска вечер, на 16 октомври, ќе донесе настапи на норвешкото дуо Еивинд Орсет на гитара и електроника и Јан Банг со техника на живо семплирање. Од Исланд пристигнуваат композиторот и бас-гитарист Скули Сверисон и композиторката и мултиинструменталистка Олоф Арналдс.

Полноќниот термин ќе биде посветен на норвешкиот музички фестивал „Punkt“ од Кристијансанд. Пред публиката ќе се претстават неговите основоположници Јан Банг и Ерик Хоноре.

На 17 октомври програмата ќе ја отвори македонскиот квинтет предводен од вокалистката Андреа Мирчевска со проектот „Lullaby for Lunatics“. Од 22 часот ќе настапи јужноафриканскиот композитор и пијанист Ндудузо Махатини, кој подолг период снима за престижната издавачка куќа „Blue Note“.

Полноќниот концерт на малата сцена во НОБ ќе ги обедини британскиот композитор, пијанист и органист Александар Хокинс и шведската вокалистка со етиопско потекло Софија Јернберг, кои ќе го претстават заедничкиот проект „Musho“.

Последната фестивалска вечер, на 18 октомври, ќе настапи бразилско-американското трио „Sao Paulo Underground“. Од Скопскиот џез фестивал го опишуваат нивниот пристап како истражување на новите можности на електроакустичната композиција, спонтаното компонирање и звучната инвенција.

Фестивалот ќе заврши со концерт на квинтетот „Living Being“, предводен од францускиот хармоникаш Винсент Пеирани. На завршната вечер нема да има полноќен концерт.

Оваа година Скопскиот џез фестивал ќе собере рекорден број изведувачи од 13 земји. Во текот на четирите фестивалски дена се предвидени осум концерти во 20 и 22 часот на големата сцена во Националната опера и балет, како и три полноќни концерти на специјално подготвената мала сцена во истата институција. Со тоа, полноќната програма се сели од Младинскиот културен центар, каде што се одржуваше во претходните години.

Традиционално, фестивалот го прогласи и најдобриот македонски џез-музичар за 2026 година. Признанието му припадна на кларинетистот и саксофонист Нинослав Спировски.

45 ГОДИНИ ЏЕЗ ВО СКОПЈЕ Фестивалот носи светски имиња и музика што ги поместува границите

CATEGORIES
Share This