2.000 НОВИ РАБОТНИ МЕСТА „Кромберг и Шуберт“ носи нова инвестиција за „Ауди“
Мицкоски најави нова голема инвестиција на германската компанија, договорот ќе биде потпишан денеска во Владата.

Премиерот Христијан Мицкоски најави нова инвестиција на германската компанија „Кромберг и Шуберт“, со која се предвидува отворање 2.000 нови работни места и производство на делови за германскиот автомобилски гигант „Ауди“.
Мицкоски ја оцени инвестицијата како значаен поттик за македонската економија, нагласувајќи дека новите работни места ќе донесат поголема сигурност за семејствата и нови можности за граѓаните.
„Денеска ќе соопштиме уште една голема и значајна вест за македонската економија – нова инвестиција на германската компанија „Кромберг и Шуберт“, нови 2.000 работни места и производство на делови за германскиот автомобилски гигант „Ауди““, објави премиерот на својот профил на Фејсбук.
Тој порача дека владината програма се темели на работа, инвестиции и конкретни резултати, истовремено критикувајќи ја опозицијата за, како што наведе, деструкција, лаги и политички опструкции.
„Ние продолжуваме да се бориме за секое работно место, за подобар живот и за нашата заедничка иднина“, истакна Мицкоски.
Потпишувањето на договорот за новата инвестиција е предвидено за денеска во Владата, по што Мицкоски и претставници на компанијата „Кромберг и Шуберт“ треба да одржат заедничка прес-конференција.

