НОВИ ПРАВИЛА ЗА СТАНБЕНИ КРЕДИТИ ОД 1 ДЕКЕМВРИ Полесно до прв дом, построги услови за втор и трет стан

Народната банка воведува нови мерки за станбеното кредитирање со кои се настојува да се олесни купувањето прво живеалиште, а истовремено да се ограничи прекумерното задолжување при купување дополнителни недвижности.

НОВИ ПРАВИЛА ЗА СТАНБЕНИ КРЕДИТИ ОД 1 ДЕКЕМВРИ Полесно до прв дом, построги услови за втор и трет стан
Фото: Национал

Купувањето прв стан останува приоритет на Народната банка, додека за граѓаните кои планираат да купат втор или трет стан од 1 декември ќе важат построги правила за кредитирање. Една од најзначајните промени се однесува на максималниот рок за отплата на станбените кредити. Според новите правила, за купување прво живеалиште и натаму ќе биде дозволен рок на отплата до 30 години.

Меѓутоа, за купување втор и секој нареден стан, максималниот рок се намалува од досегашните 30 на 25 години. Оваа мерка следува откако Народната банка забележала дека, по претходното заострување на условите, дел од кредитобарателите почнале да избираат подолги рокови за отплата.

На пазарот на недвижности се забележуваат сигнали за постепено смирување на растот на цените. Според Индексот на цените на становите во Скопје, кој Народната банка го објавува квартално, годишниот раст во третиот квартал забавил на 10,3 проценти. Иако становите и натаму поскапуваат, темпото на раст е поумерено во споредба со претходните периоди.

Народната банка настојува преку своите мерки да воспостави подобра рамнотежа меѓу купувањето недвижности за живеење и купувањето станови како инвестиција. Податоците на Народната банка покажуваат дека претходните мерки веќе влијаеле врз структурата на станбеното кредитирање.

Од декември минатата година, кога стапиле во сила претходните макропрудентни мерки, се зголемила застапеноста на кредитите наменети за купување прво живеалиште.

И покрај одреденото забавување, интересот на граѓаните за кредитирање останува на високо ниво. Досегашните движења не предизвикале влошување на квалитетот на кредитното портфолио на банките, што укажува дека финансискиот сектор засега успешно се справува со ризиците.

Со новите правила, Народната банка очекува дополнително да ја зајакне стабилноста на кредитниот пазар и да го насочи задолжувањето кон поодржливи услови.

Од 1 декември, граѓаните кои го купуваат својот прв дом ќе можат и понатаму да користат станбени кредити со рок на отплата до 30 години, додека за втор и секој следен стан максималниот рок ќе биде ограничен на 25 години.

CATEGORIES
Share This