СВЕТОТ УСПОРУВА, НО ВИ ГО ДРЖИ РАСТОТ НА 3% Што откри ММФ

Инвестициите во вештачка интелигенција го одржуваат глобалниот економски раст и покрај енергетскиот шок, додека војната на Блискиот Исток и глобалниот долг остануваат сериозни ризици.

СВЕТОТ УСПОРУВА, НО ВИ ГО ДРЖИ РАСТОТ НА 3% Што откри ММФ
Фото: Принтскрин

Големите инвестиции во инфраструктурата за вештачка интелигенција (ВИ) придонесуваат глобалниот економски раст да се одржува на околу три проценти, и покрај забавувањето предизвикано од нарушувањата во снабдувањето со енергија. Ова го изјави директорката на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева, на годишните состаноци на ММФ и Светската банка во Бангкок, Тајланд.

Според Георгиева, бранот инвестиции во вештачката интелигенција предизвикува значителен поттик на побарувачката и инвестициите, што може да го забрза економскиот раст во развиените азиски економии за 0,5 до еден процентен поен, а во економиите во развој во регионот за 0,2 до 0,8 процентни поени.

„Токму ова префрлање во повисока брзина го одржува глобалниот економски раст на околу три проценти, и покрај забавувањето предизвикано од шокот во снабдувањето со енергија“, изјави Георгиева.

Од инвестициите во ВИ особено корист имаат азиските економии кои произведуваат и снабдуваат со хардвер потребен за развојот на оваа технологија, меѓу кои и Тајланд.

Годишните состаноци на ММФ и Светската банка започнаа денеска и ќе траат до 18 октомври. На нив ќе се разгледуваат клучните предизвици за светската економија, во услови на геополитички тензии и неизвесност на глобалните пазари. Меѓу главните теми се последиците од војната на Блискиот Исток и нејзиното влијание врз цените на енергенсите, вклучително и дизелот, како и високото ниво на глобалниот долг.

На дневен ред ќе бидат и движењата на цените на вештачките ѓубрива, климатските појави како „Ел Нињо“ и нивното влијание врз економијата, земјоделството и глобалната стабилност. Се очекува разговорите да се фокусираат на начините за справување со економските ризици, одржување на растот и зајакнување на отпорноста на државите во услови на зголемена неизвесност.

CATEGORIES
Share This