МНР УДРИ ПО СОФИЈА ЗА ИВА МИХАЈЛОВА Никој не смее да биде над законот
Скопје остро реагира на приемот на Михајлова на високо ниво во Бугарија и најави дека случајот ќе го отвори пред ЕУ и Советот на Европа.

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија реагираше во врска со заминувањето на Ива Михајлова во Бугарија и нејзиниот прием на високо ниво во Софија, оценувајќи дека ваквото постапување на бугарските државни институции ги поткопува напорите за градење доверба и е спротивно на заложбите за добрососедски односи.
Од Министерството посочуваат дека приемот на високо ниво на лице против кое се води судска постапка испраќа погрешна порака, нагласувајќи дека националната припадност и поседувањето друго државјанство не смеат да бидат основа за избегнување одговорност пред надлежните институции.
„Секој има право на правично судење. Никој нема право на изземање од законите“, се наведува во реакцијата.
Од македонското МНР очекуваат Бугарија, како членка на Европската Унија, да постапува во согласност со европските принципи, вклучително и почитувањето на судските постапки, соработката меѓу надлежните институции и еднаквоста пред законот.
Според Министерството, постапките што создаваат впечаток на институционална заштита од судска одговорност се неспоиви со овие принципи, а владеењето на правото не смее да зависи од националната припадност на поединецот.
Министерството најави дека за развојот на случајот ќе ги информира меѓународните партнери, особено институциите на Европската Унија и Советот на Европа.
Во реакцијата се наведува дека ваквите постапки, за кои според МНР постојат и претходни примери, директно ја нарушуваат довербата меѓу двете држави и отвораат прашања за доследноста во почитувањето на заедничките европски вредности.
Од Министерството порачуваат дека Македонија останува посветена на развојот на добрососедските односи врз основа на меѓусебно почитување, доверба и европски принципи, но очекува и од бугарската страна да покаже иста одговорност.
„Почитувањето на правдата не е прашање на политички избор, туку основна европска обврска“, порачуваат од МНР.

