МАКЕДОНСКИТЕ АВТОРИ ТРГНУВААТ ВО ОСВОЈУВАЊЕ НА СВЕТОТ Што се договори во Франкфурт?
Под мотото „Читај во 7/8“, македонската книжевност се претстави пред меѓународната издавачка индустрија, а следниот чекор се преводи и книги на странски јазици.

Македонската книжевност го заврши своето претставување на Саемот на книгата во Франкфурт, еден од најголемите и најзначајни светски собири на издавачката индустрија, отворајќи нови можности за меѓународна соработка, преводи и објавување домашни автори на странски јазици.
Во текот на петте саемски дена, од 7 до 11 октомври, македонските издавачи остварија бројни средби со претставници на меѓународната издавачка индустрија, промовирајќи го богатството и потенцијалот на македонското книжевно творештво.
Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) ја претстави актуелната домашна книжевна продукција пред меѓународната публика, продолжувајќи ги активностите за поголема афирмација на македонските писатели и нивно присуство на светскиот книжевен пазар.
Националниот штанд, организиран под препознатливиот концепт „Читај во 7/8“, понуди избор на македонски книжевни дела во три категории: современа македонска книжевност, книги од македонски автори веќе преведени и објавени во странство и литература за деца.
Преку специјално подготвени каталози, странските издавачи имаа можност да се запознаат со разновидноста на македонската книжевна сцена и со потенцијалот на домашните автори за поширока меѓународна промоција.
Особено внимание привлече промотивниот настан на 8 октомври, на кој присуствуваа претставници на реномирани светски издавачки куќи и литературни агенции. Остварените средби отворија можности за нови партнерства, преводи и објавување македонски книги на странски пазари.
„Годинашното претставување во Франкфурт беше уште една важна можност македонската книжевност да ја доближиме до меѓународната издавачка јавност. Остваривме бројни средби со странски издавачи, агенти, преведувачи, но и со претставници на меѓународни издавачки асоцијации, со кои разговаравме за можностите за соработка и за поголема меѓународна видливост на македонските автори“, истакна претседателот на МАИ, Бојан Саздов.
Важен сегмент од претставувањето беа и можностите за финансиска поддршка на преводите преку конкурсот на Министерството за култура и туризам за финансирање превод и објавување домашни книжевни дела на странски јазици.
Странските издавачи беа запознаени со условите за користење на оваа поддршка, која беше позитивно прифатена како дополнителен поттик за развој на меѓународната книжевна соработка.
Саздов нагласи дека вистинските резултати од ваквите настапи не се оценуваат само според бројот на остварени контакти, туку пред сè според нивната способност да прераснат во конкретни договори и нови изданија.
„Вистинските резултати доаѓаат подоцна, кога тие контакти ќе прераснат во конкретни соработки, договори и нови изданија на македонски автори на странски јазици“, посочи Саздов.
Учеството на Саемот на книгата во Франкфурт е дел од долгорочните заложби за меѓународна афирмација на македонската книжевност. Во услови кога македонскиот јазик има релативно мало говорно подрачје, присуството на вакви престижни настани е можност домашните автори и издавачи директно да се поврзат со светската книжевна индустрија и да отворат пат до нови читатели ширум светот.
Националното претставување на македонската книжевност во Франкфурт беше реализирано со поддршка на Министерството за култура и туризам.
ОД МАКЕДОНИЈА ДО СВЕТОТ Македонските книги повторно во центарот на Франкфурт

