БИ ДАЛ СÈ ЗА ДА ГИ РЕШАМ МАКИТЕ НА НАРОДОТ Мицкоски од Куманово со порака за 11 Октомври
Премиерот зборуваше за економскиот раст, платите и реформите, но призна дека има семејства што тешко ги покриваат месечните трошоци.

Премиерот Христијан Мицкоски порача дека Владата вложува максимални напори за решавање на проблемите на граѓаните и надминување на состојбите наследени од претходниот систем. Во обраќањето на свечената академија во Куманово, по повод 11 Октомври – Денот на народното востание, тој истакна дека и покрај тешките услови, резултатите од работата се видливи.
„Би дал сè за да го решам секое прашање и мака на народот. Сигурен сум дека може повеќе, но исто така сум сигурен дека успеваме и го даваме последниот атом од силата да направиме многу повеќе, да донесеме ред во безредието, да донесеме реформи во хаосот кој го затекнавме и да подигнеме цврст дом на темелите што одново ги ѕидавме“, рече Мицкоски.
Тој оцени дека создавањето успех во наследен, како што го нарече, руиниран систем, дополнително отежнат од глобалната криза, е „пеколно тешко“, но посочи дека економските показатели ја потврдуваат насоката во која се движи државата.
Според податоците што ги изнесе премиерот, македонската економија во вториот квартал од 2026 година остварила реален раст на бруто-домашниот производ од 4,3 проценти, додека номиналниот раст надминал 8 проценти. Мицкоски оцени дека станува збор за еден од најдобрите резултати во регионот, кој покажува дека економијата создава нова вредност и отвора простор за подобрување на животниот стандард.
Како дополнителен показател за економската активност, тој го посочи извозот, кој во првите осум месеци од годината достигнал 5,74 милијарди евра, со раст од 8,7 проценти. Според него, тоа значи поголем пласман на македонските производи на странските пазари и нови можности за домашните компании.
Мицкоски се осврна и на платите, посочувајќи дека просечната нето-плата во јули изнесувала 48.499 денари, со годишен номинален раст од 7,1 процент. Целта на Владата, нагласи тој, е до крајот на мандатот просечната плата да се приближи до 1.000 евра, односно до износ од над 60.000 денари.
Во однос на трошоците за живот, премиерот рече дека инфлацијата во Македонија е пониска отколку во дел од соседните земји и во Европската Унија. Според податоците што ги презентираше, во третиот квартал, односно во јули, август и септември, растот на трошоците за живот се движел од 2,3 до 2,7 проценти.
Тој направи споредба со земјите од соседството, наведувајќи дека во Грција инфлацијата надминувала 5,5 проценти, додека во Бугарија изнесувала 5,6 проценти. Овие показатели, според Мицкоски, ја доведуваат во прашање тезата дека инфлацијата во Македонија е исклучиво последица на надворешни фактори.
Сепак, премиерот призна дека постигнатите економски резултати не се доволни и дека дел од граѓаните сè уште се соочуваат со финансиски тешкотии.
„Нема да кажам дека овие резултати се доволни. Има семејства кои тешко ги покриваат месечните трошоци, млади кои бараат подобри можности и компании на кои им е потребна поголема поддршка. За нас економскиот успех нема да биде само бројка во статистички извештај. Вистинскиот успех ќе биде кога растот на економијата ќе се почувствува во секој дом“, истакна Мицкоски.
Тој нагласи дека државата се гради преку работа, инвестиции, производство, нови работни места и конкретни резултати, додавајќи дека амбицијата на Владата е секоја следна генерација да живее подобро од претходната.
Во политичкиот дел од обраќањето, Мицкоски упати критики кон опозицијата, обвинувајќи ја дека наместо да понуди визија и програма, прибегнува кон навреди, лаги и манипулации.
„Има политичари кои не се радуваат на овие успеси, бидејќи не можат да го видат сето ова од маглата што ја сеат. Единственото што им преостанува е да навредуваат. Најлесно е да лажат и да манипулираат. Немаат ниту визија, ниту програма“, рече премиерот.
Тој додаде дека, според него, опозицијата е заинтересирана единствено за враќање на власт, обвинувајќи ја дека во минатото прифаќала решенија што, како што рече, биле на штета на граѓаните.

