5,5 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ПРОСЛАВАТА, 2,1 милион за пејачите

За прославата на 8 Септември биле потрошени 5,5 милиони евра, а Климовски појасни дека поединечните хонорари се дел од доверливи договори со „Стардаст“.

5,5 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ПРОСЛАВАТА, 2,1 милион за пејачите
Фото: Принтскрин

Директорот на Државната лотарија, Александар Климовски, заедно со портпаролката на Владата, Марија Митева, го презентираше финансискиот извештај за одбележувањето на 35-годишнината од независноста на Македонија.

Според презентираните податоци, за целокупната прослава биле потрошени 340.509.749 денари, односно околу 5,5 милиони евра. Од нив, најголемата поединечна ставка се хонорарите за артистите и изведувачите, за кои биле издвоени 129.307.500 денари, односно околу 2,1 милион евра.

Климовски објасни дека Државната лотарија склучила еден договор со продукцијата „Стардаст“, како организатор и носител на проектот. Поединечните хонорари, според него, се регулирани со договори меѓу продукцијата и уметниците или нивните матични агенции.

„Тоа се нивни меѓусебни облигациони односи врз база на комерцијални договори коишто си имаат одреден степен на доверливост, коишто се склучени помеѓу ‘Стардаст’ и помеѓу Дејвид Гета или кои било други уметници, изведувачи, пејачи и така натаму. Тоа се нивни интерни договори коишто тотално во сума се пренесени во извештајот“, изјави Климовски.

Тој нагласи дека исплатите биле реализирани преку системот на државата и дека за нив бил платен данок преку Управата за јавни приходи. Според неговото објаснување, Лотаријата ја контролирала наменската употреба на средствата и вкупните износи по петте договорни категории, но не и точноста на секој поединечен хонорар.

Климовски додаде дека објавувањето на интерните договори би можело да ја изложи институцијата на тужби за отштета, бидејќи станувало збор за деловни односи засновани на доверливост. Тој оцени дека договорената финансиска рамка за проектот била целосно реализирана.

Владината портпаролка Марија Митева соопшти дека Владата добила извештај од 81 страница од компанијата задолжена за организацијата. Средствата биле распределени во пет основни категории:

  • Хонорари за артисти и изведувачи: 129.307.500 денари.
  • Продукција: 96.272.512 денари.
  • Логистички трошоци: 58.527.037 денари.
  • Хонорари за соработници: 53.570.250 денари.
  • Маркетинг: 2.832.450 денари.

Вкупната вредност на петте категории изнесува 340.509.749 денари.

Митева посочи дека трошоците треба да се разгледуваат во контекст на целокупната програма, која опфатила 18 настани во 13 градови низ државата. Таа нагласи дека организацијата подразбирала значителни продукциски, технички, логистички и безбедносни ангажмани.

Еден од главните проекти бил музичко-сценскиот караван „Силно светнал ден“, реализиран во копродукција со ОХО продукција, кој опфатил 11 градови: Охрид, Битола, Велес, Крушево, Куманово, Штип, Прилеп, Кичево, Кавадарци, Пробиштип и Скопје.

Според Митева, во програмата централно место имале и македонските уметници, а сите настани биле со бесплатен пристап за граѓаните.

Централниот настан на прославата бил концертот на Дејвид Гета, одржан на 8 септември на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје. Според презентираниот извештај, на концертот присуствувале околу 50.000 посетители.

Настанот вклучувал голема сценска конструкција, ЛЕД-екран долг 32 метри, светлосни и ласерски ефекти, како и специјализирана опрема за заштита на тревната површина на стадионот.

Митева истакна дека ваквите настани не треба да се оценуваат само според имињата на изведувачите, туку и според комплексноста на продукцијата, инфраструктурата и логистиката потребни за нивна реализација.

Сепак, и по објавувањето на вкупните финансиски ставки, јавноста не доби конкретен одговор колкав хонорар добил секој изведувач, вклучително и Дејвид Гета. Образложението на Државната лотарија останува дека поединечните износи се дел од доверливите договори меѓу „Стардаст“ и уметниците, додека институцијата ги прикажала вкупните трошоци за целокупната прослава.

CATEGORIES
TAGS
Share This