МИЦКОСКИ ОД МИЛЕТИНО Нема невозможна работа, победуваме на 18 октомври

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ повика на обединување на граѓаните во Брвеница и порача дека опозицијата не е алтернатива.

МИЦКОСКИ ОД МИЛЕТИНО Нема невозможна работа, победуваме на 18 октомври
Фото: Принтскрин

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на митинг во Милетино повика на обединување на граѓаните во пресрет на предвремените локални избори за градоначалник на Општина Брвеница, закажани за 18 октомври.

„Доколку ние, луѓето кои ја сакаме Брвеница и ја сакаме Македонија, се обединиме, како што ова можам вечерва пред мене да го видам, ова обединување, оваа недвосмислена поддршка, тогаш нема невозможна работа“, порача Мицкоски.

Тој истакна дека кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Стојанчо, ја има неговата лична поддршка, како и поддршката од партијата и коалицијата.

„Тоа што некои мислат дека е невозможно е возможно и победуваме на 18-ти октомври. Јасен е профилот и јасна е конкуренцијата на овие предвремени локални избори и јасен е победникот“, рече Мицкоски.

Во своето обраќање, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ остро ја критикуваше претходната власт, обвинувајќи ја дека седум години „ја ограбувала, ја распродавала и ја уништувала Македонија“.

Мицкоски се осврна и на политичките случувања од претходниот период, споменувајќи ги модуларната болница и, како што рече, „стабилната и марихуана економија“, а ги обвини политичките противници дека повторно се обидуваат да се претстават како алтернатива.

„Не се тие алтернативата. Тие се луѓето кои што ја ограбија и уништија Македонија. Зарем сакаме тие времиња да се вратат?“, порача Мицкоски.

Тој ги обвини претставниците на поранешната власт дека не се грижеле за граѓаните и дека биле фокусирани на сопствениот интерес.

„Единствено нешто за кое што се грижеа беше нивниот паричник, нивниот удобен живот, дебелите персиски килими, кожните фотелји и што е можно повеќе да украдат од вас граѓаните“, рече Мицкоски.

На крајот, тој повторно повика на масовно обединување на граѓаните на 18 октомври, со порака дека кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ може да победи на предвремените локални избори.

CATEGORIES
Share This