ПРОДАЖБА НА БОСТАН, ПИПЕРКИ, ДИЊИ ВО ГОРЊИ МИЛАНОВАЦ Мајката на судијата Ристов објасни како заштедила 350.000 евра
Донка Ристова тврди дека парите ги заработила од земјоделство и ги чувала скриени од 1975 година, а на суд беше отворено и прашањето за ДНК-трагите на фолијата.

Во Кривичниот суд во Скопје денеска сведочеа Донка и Здравко Ристови, родители на апелациониот судија Ѓоко Ристов, во судскиот процес што се води против него во врска со 350.000 евра пронајдени при претрес во семејната куќа во Неготино.
Двајцата родители тврдат дека парите биле нивна повеќедецениска заштеда, создадена главно од приходи од земјоделство, и дека ги чувале скриени во ѕидот од семејната куќа.
Донка Ристова пред судот рече дека парите биле нејзини и дека ги штедела со децении. Според неа, местото за чување на парите го направиле уште во 1975 година, кога ја граделе куќата.
Таа објасни дека при првиот претрес во декември минатата година не било пронајдено ништо, додека при вториот претрес во јануари, кој траел два дена, било откриено местото каде што ги чувала парите.
„Првиот ден не нашле ништо, вториот ден пак дошле, превртеле сè и го нашле моето место. Таму си ги чувам јас парите“, сведочеше Ристова.
Според нејзиниот исказ, парите биле сокриени зад шпоретот, во простор направен зад плочка која можела да се отвора.
„Од 1975 година си ја направивме куќата и сè што ќе ми остане париче, си ставам таму. Плочката ми е како прозорче. Сè што ќе ми останат паричиња, во фолија ги ставав во прозорчето“, рече таа.
Ристова тврди дека 250.000 евра биле во банкноти од по 50 евра, додека останатите 100.000 евра биле во апоени од 500 и 200 евра.
Како извор на парите го посочи семејното земјоделско производство. Таа раскажа дека со години продавале бостан, дињи, пиперки, ореви и кајсии, а подоцна имале приходи и од лозје.
„Секој ден на пазар одев. До Горни Милановац сум носела и по два тона роба“, рече Ристова.
Таа објасни дека прво штедела германски марки, а по воведувањето на еврото ги претворала во евра. Парите, како што рече, ги чувала за старост и за евентуално сместување во геријатрија.
На прашањето зошто не ги чувала во банка, Ристова одговори дека немала доверба во банките и оти сметала дека парите ќе ѝ бидат потребни за старите години.
Во текот на сведочењето таа нагласи дека за парите знаеле само таа и нејзиниот сопруг, а не и нивните синови.
Обвинителката Искра Хаџивасилева, сепак, ја праша Ристова за финансиската помош што таа и сопругот им ја давале на нивните синови, вклучително и за купување станови. Мајката потврди дека им помагале.
Ристова сведочеше и дека во јануари 2025 година го продала својот удел во фирма поврзана со фотоволтаици, но дека парите од таа продажба не ги ставила во ѕидот. Според неа, средствата ги вложила во недвижности, следејќи го советот што го добила од својот татко.
Таткото: „Сум се мачел 89 години со овие десет прсти“
На денешното рочиште сведочеше и Здравко Ристов, татко на обвинетиот судија. Тој го повтори ставот дека 350.000 евра се заштеда што тој и неговата сопруга ја создавале со повеќедецениска работа во земјоделството.
„Сум се мачел 89 години со овие десет прсти. На кого да ги пријавам тие пари?“, рече Ристов.
Тој потврди дека во семејната куќа биле извршени два претреса, на 29 декември 2025 година и на 18 јануари 2026 година. Според неговото сведочење, при првиот претрес бил присутен и неговиот син Ѓоко, кој им помагал на лицата што го вршеле претресот, меѓу другото и при поместувањето на фрижидерот.
Ристов тврдеше дека децата не знаеле за скриените пари и дека веднаш по нивното пронаоѓање им кажал на истражителите дека заштедата им припаѓа нему и на неговата сопруга.
Според неговиот исказ, тој ги заработувал парите и ги носел дома, додека сопругата ги ставала во скривницата.
„Невестата ги ставаше парите во ѕидот. Јас создавав, да донесам дома“, изјави Ристов.
Тој објасни дека заработката од земјоделството ја менувале во различни менувачници, вклучително и во банкноти од 500 евра. За дел од трансакциите, како што рече, немале документација. Посочи и дека имал познаник на Бит-пазар кој го известувал кога биле достапни банкноти од 500 евра.
Во текот на испрашувањето било отворено и прашањето за банкарските заштеди на брачната двојка. Ристов потврдил дека тој и сопругата имале по околу 15.000 евра во банка, а според неговото објаснување, тие средства биле од продажба на трактор и друга земјоделска механизација.
На прашањето зошто заштедата не им ја предал на децата, тој одговорил дека се плашел оти тие би можеле брзо да ги потрошат парите.
Обвинителството го отвори прашањето за ДНК-трагите
Сведочењето на родителите беше доведено во прашање и преку резултатите од вештачењето презентирани во текот на судењето.
Обвинителката посочи дека на пронајдените пари, односно на фолијата во која биле завиткани, не биле утврдени биолошки траги од Здравко и Донка Ристови, иако двајцата тврдат дека тие ги заработувале, пакувале и ги чувале парите.
„Нема шанса“, одговори Здравко Ристов на прашањето како е можно на банкнотите да нема нивни биолошки траги доколку тие ракувале со парите.
Претходно, на истото прашање од страна на судијката Билјана Коцевска, Донка Ристова исто така изрази неверување во наодот.
Судијката ја праша како е можно, доколку таа ги ставала и пакувала парите, на фолијата да не биде пронајдена нејзина или ДНК на нејзиниот сопруг, туку, според презентираното вештачење, ДНК од Ѓоко Ристов.
„Тие пари се само мои и само јас и сопругот ги пакувавме и стававме таму“, одговори таа.
И покрај наодите од вештачењето, родителите останаа на тврдењето дека пронајдените 350.000 евра се нивна заштеда од долгогодишната работа.
Случајот против Ѓоко Ристов произлегува од истрагата против адвокатот Фехми Стафа, кој беше фатен при примање 20.000 евра, како дел од наводно договорени 100.000 евра за противзаконито влијание врз апелациски судија со цел укинување на мерка притвор за Љупчо Пецов.
Стафа ја призна вината, склучи спогодба со Обвинителството и беше осуден на една година и три месеци затвор.
Против Ристов се води постапка во врска со 350.000 евра пронајдени при претресот во домот на неговите родители во Неготино. Обвинителството соопшти дека средствата не биле пријавени и дека нивното потекло не било поткрепено со докази.
Нивното потекло, како и резултатите од вештачењата, се дел од доказниот материјал што треба да го оцени Судот.
Судењето го води судијката Билјана Коцевска и е во тек.

