МЕСИ СЕ ЗБОГУВА СО АРГЕНТИНА КАКО ЛЕГЕНДА Гол, две асистенции и солзи на „Монументал“
Капитенот го одигра последниот натпревар за „гаучосите“, го постигна 126. репрезентативен гол и со емотивна порака се прости од националниот дрес.

Лионел Меси ја заврши репрезентативната кариера со победа од 3:0 против Бенин на преполниот стадион „Монументал“ во Буенос Аирес. Во последниот настап за Аргентина, 39-годишниот капитен учествуваше во сите три гола и забележа две асистенции, а потоа и самиот погоди од пенал.
По првото полувреме без голови, Меси во 48. минута го проигра Николас Отаменди, кој го отвори резултатот. Во 61. минута следуваше уште една асистенција, овојпат за Нико Паз за 2:0, а десет минути подоцна Меси реализираше пенал за конечните 3:0. Со тоа стигна до 126. гол за аргентинската репрезентација.
Бенин, кој пред натпреварот беше 93. на ранг-листата на ФИФА и досега нема настап на Светско првенство, не успеа да го засени значењето на натпреварот. Главниот фокус беше на Меси и неговото последно појавување во небесносиниот дрес.
Меси се збогува со репрезентацијата по 208 настапи и повеќе од две децении поминати во националниот тим. Со Аргентина го освои Светското првенство во 2022 година, Копа Америка во 2021 и 2024 година, како и олимпиското злато во 2008 година.
По последниот свиреж следуваше емотивно испраќање на „Монументал“, со громогласни скандирања, аплаузи и солзи. Со семејството покрај себе, Меси тешко ги криеше емоциите, а прославата продолжи со светлосно шоу и дронови на стадионот.
„Не сакам да си одам. Му благодарам на Бога што сум Аргентинец и горд сум што го остварив овој сон со сите вас“, им порача Меси на навивачите во својот проштален говор.
Тој истакна дека играњето за Аргентина било едно од најубавите искуства во неговиот живот и побара поддршката за репрезентацијата да продолжи и во новата етапа.
Ден по натпреварот, Меси објави и емотивна порака на социјалните мрежи, во која им се заблагодари на семејството, соиграчите, тренерите, клубовите и навивачите кои беа дел од неговото повеќе од две децении долго репрезентативно патување.
„Вчера беше мојот последен натпревар и веќе ми недостига носењето на небесно сино-белиот дрес. Знам дека ја носам вистинската одлука. Беше неверојатно патување, исполнето со радост, но и тага, но едно знам сигурно секој чекор што го направив вредеше“, напиша Меси.
Тој посебно му се заблагодари на своето семејство, кое, како што наведе, било неговата најголема поддршка, особено во најтешките моменти. Благодарност упати и до сите соиграчи и тренери со кои работел низ годините, како и до клубовите за кои настапувал и кои му овозможувале да ја стави репрезентацијата во прв план кога било потребно.
Во пораката Меси се сети и на Диего Марадона, за кого напиша дека ја ставил Аргентина „таму каде што припаѓа“ и дека верува оти и по неговата смрт продолжил да им помага од небото.
„И секако, фала му на Бога без Неговото водство и Неговата волја, не би ни сонувале дека ќе можеме да стигнеме до тука. Неизмерно сум благодарен. Ве сакам сите многу, ќе ми недостигате и засекогаш ќе ви бидам благодарен што сте со нас, со мене“, напиша капитенот на Аргентина.
Меси за репрезентацијата дебитираше во 2005 година. По повеќе од 20 години во националниот дрес, се збогува како капитен, светски и јужноамерикански шампион и еден од најуспешните фудбалери во историјата на аргентинскиот национален тим.
Последниот натпревар го одигра токму во свој стил со две асистенции, гол и трофејно наследство што го претвори неговото збогување во еден од најемотивните моменти во историјата на аргентинската репрезентација.
🚨🎙️| Messi: “I don’t want to leave. I will miss you all. I’m thankful to God for being Argentine and proud to be Argentine, and to have accomplished this dream with you all.” 🩵🩵 https://t.co/owyywWWSHA
— Kalshi FC (@KalshiFC) October 7, 2026

