45 ГОДИНИ ЏЕЗ ВО СКОПЈЕ Фестивалот носи светски имиња и музика што ги поместува границите

Од Златко Каучич и Хамид Дрејк до Ндудузо Махатини и Винсент Пеирани – четири вечери со современ џез, импровизација и експериментална музика

45 ГОДИНИ ЏЕЗ ВО СКОПЈЕ Фестивалот носи светски имиња и музика што ги поместува границите
Фото: Принтскрин

Скопје од 15 до 18 октомври повторно ќе биде во знакот на џезот. 45. издание на Скопскиот џез-фестивал носи четири фестивалски вечери исполнети со современ џез, импровизирана и експериментална музика, со настапи на реномирани музичари од Европа, Африка и САД.

Главната програма ќе се одржува во Националната опера и балет, а малата сцена ќе биде резервирана за полноќните концерти. Фестивалот и годинава продолжува со концептот со кој со децении ги следи новите тенденции и истражувања во современиот џез.

„Скопскиот џез-фестивал ги следи случувањата и промените во светот, односно она што е иднина на џезот – најпознатите имиња од импровизираната и современата музика, таму каде што се бара и истражува редефинирањето на џезот“, изјави директорот на фестивалот Оливер Белопета.

Тој нагласи дека програмата не е креирана за да им се додворува на вкусовите на домашната публика, туку да го задржи препознатливиот уметнички концепт по кој фестивалот е познат и надвор од земјата.

„Програмата не е правена да ѝ се додворува на овдешната публика и не води сметка за она што би сакала најмногу да чуе од џезот. Нашата публика, сепак, е доволно отворена да го препознае она што е добро“, рече Белопета.

Отворање со Златко Каучич

Фестивалот ќе биде отворен на 15 октомври во 20 часот со настапот на словенечкиот перкусионист, тапанар и композитор Златко Каучич и неговиот проект „Bravery of the Brave“ – „Храброста на храбрите“.

Каучич зад себе има повеќе од 60 албуми и соработувал со голем број познати музичари од светската импровизирана сцена. Во Скопје ќе настапи како композитор, уметнички директор и диригент на ансамбл составен од негови поранешни студенти и реномирани италијански музичари.

Од 22 часот ќе настапи австрискиот тенор-саксофонист, кларинетист и композитор Леонхард Скорупа, кој за фестивалот подготвува ново дело. Неговиот „Квиспел квинтет“ ќе биде проширен со тројца македонски музичари.

Првата вечер ќе заврши по полноќ со настапот на Пасквале Мира и легендарниот тапанар Хамид Дрејк. Дуото ќе го претстави проектот „Lhasa“, базиран на перкусија и импровизација.

Експериментална и современа музика

На 16 октомври програмата во 20 часот продолжува со норвешкото дуо Еивинд Орсет и Јан Банг и проектот „Dream Logic“, кој комбинира даб, современа класична, норвешка народна и поп-музика преку семплирање и експериментирање со звукот.

Во 22 часот настапуваат исландскиот композитор и басист Скули Сверисон и мултиинструменталистката Олоф Арналдс, по што полноќната програма продолжува со ремикс во живо на Јан Банг и Ерик Хоноре.

Третата фестивалска вечер, на 17 октомври, во 20 часот ќе настапи „Андреа Мирческа квинтет“ со проектот „Lullaby for Lunatics“, во кој импровизацијата и интеракцијата меѓу музичарите се во центарот на композициите.

Во 22 часот следува настапот на јужноафриканскиот пијанист и композитор Ндудузо Махатини, еден од најпрепознатливите современи африкански џез-уметници, чиј израз е под силно влијание на традиционалната музика на Зулу.

Полноќниот термин е резервиран за Александар Хокинс и Софија Јернберг со проектот „Mushō“, во кој двајцата музичари ги истражуваат врските меѓу етиопската музика и различни музички традиции.

„Сао Паоло андерграунд“ и Винсент Пеирани за крај

Завршната вечер, на 18 октомври, започнува во 20 часот со „São Paulo Underground“, ансамбл формиран во Сао Паоло од Роб Мазурек и Маурисио Такара. Нивната музика ги спојува бразилските ритми, електронската експериментална музика и импровизацијата.

Во 22 часот ќе настапи „Винсент Пеирани квинтет“ со проектот „Living Being“. Францускиот музичар е познат по иновативниот пристап кон хармониката, а неговиот израз ги поврзува џезот, рокот, современата композиција и различни традиционални влијанија.

Со овие два концерта ќе биде заокружено 45. издание на Скопскиот џез-фестивал.

Пред фестивалот – документарец за Рон Картер

Во пресрет на главната програма, на 13 октомври во 20 часот во МКЦ – Кино „Фросина“ ќе биде прикажан документарниот филм „Ron Carter: Finding the Right Notes“, посветен на легендарниот џез-контрабасист Рон Картер.

Филмот ја следи неговата повеќе од шестдецениска кариера и неговиот придонес во афирмацијата на контрабасот како рамноправен солистички инструмент.

Белопета го опиша филмот како портрет на „жива легенда“ и потсети дека фестивалот и Оф-фест низ годините имаат прикажано 19 од 20-те најзначајни филмови за џезот.

Со 45-годишната традиција и годинашната програма, Скопскиот џез-фестивал повторно го потврдува својот концепт на претставување на најактуелните и најавангардните музички текови во современиот џез.

CATEGORIES
Share This