АВИОНСКИОТ СООБРАЌАЈ ЕКСПЛОДИРА Скопје и Охрид со 3,3 милиони патници за девет месеци
Бројот на патници е зголемен за 29 отсто, а летовите за 10 проценти; воведени и десет нови авиолинии од двата македонски аеродрома

Скопскиот и охридскиот аеродром во првите девет месеци од годинава опслужиле вкупно 3,3 милиони патници, што претставува раст од 29 отсто во споредба со истиот период лани. Во истиот период бројот на реализирани летови е зголемен за 10 отсто.
Според податоците на ТАВ Македонија, Меѓународниот аеродром Скопје од јануари до септември опслужил повеќе од три милиони патници, односно 29,07 отсто повеќе во однос на истиот период минатата година.
Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, пак, регистрирал речиси 266 илјади патници, што е пораст од 26,76 отсто.
Вкупно на двата аеродрома во првите девет месеци биле реализирани 22.147 летови, што претставува зголемување од 10 отсто на годишно ниво.
Од скопскиот аеродром најфреквентна дестинација останува Истанбул, а меѓу најбараните се и Базел-Милуз, Минхен, Дортмунд и Цирих. Најголем удел во авиосообраќајот има „Виз ер“, со 63,8 отсто.
Од охридскиот аеродром најмногу патници патувале кон Братислава, Базел, Дортмунд, Меминген и Цирих. И во Охрид најголем удел има „Виз ер“, со 70 отсто.
Во летниот распоред годинава беа воведени и десет нови дестинации од двата македонски аеродрома. Од Скопје се воведени директни летови кон Неапол, Будимпешта, Палермо, Алгеро, Трабзон и Самсун, додека од Охрид се воведени линии кон Милано, Виена, Вроцлав и Катовице.
Според ТАВ Македонија, растот на авиосообраќајот е потврден и од податоците на Меѓународниот совет на аеродроми – Европа. Македонскиот авијациски пазар во август бил меѓу најбрзорастечките во Европа.

