БОЖИНОВСКА ВО ВИЕНА Македонија ги отвора вратите за нова енергетска соработка со Австрија
Во фокусот се енергетската сигурност, новите инвестиции, Вертикалниот гасен коридор и забрзувањето на зелената транзиција.

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска од 7 октомври престојува во Виена, каде учествува во програмата „Жени лидери – Југоисточна Европа и Црното Море/Јужен Кавказ 2026“, на покана на Дипломатската академија на Виена.
Во рамки на посетата, македонските енергетски приоритети ќе бидат претставени пред европски институции, претставници на јавниот сектор, дипломати и идни носители на одлуки. Целта е продлабочување на соработката, размена на искуства и отворање нови можности за партнерства и инвестиции во енергетиката.
Програмата „Жени лидери 2026“ е насочена кон зајакнување на женското лидерство и соочување со современите предизвици во јавниот сектор. Во рамки на програмата ќе се разговара и за лидерството, управувањето со кризи, родовата еднаквост и дигиталната дипломатија.
Еден од главните фокуси на посетата е енергетската и економската соработка меѓу Македонија и Австрија. Божиновска ќе одржи работна средба со Северин Грубер, генерален секретар во Сојузното министерство за економија, енергетика и туризам на Австрија.
На средбата ќе бидат разгледани можностите за унапредување на билатералната соработка, енергетската транзиција, енергетската сигурност и реализацијата на проекти од заеднички интерес.
Во агендата е вклучена и средба со студентите на Дипломатската академија на Виена, каде Божиновска ќе одржи предавање за енергетската транзиција и актуелните состојби во македонскиот енергетски сектор.
Пред идните дипломати ќе бидат презентирани реформите во земјата, развојот на обновливите извори на енергија, модернизацијата на енергетската инфраструктура, постепеното напуштање на јагленот и спроведувањето на праведната енергетска транзиција.
Посебен акцент ќе биде ставен и на енергетската сигурност, диверзификацијата на снабдувањето, регионалното поврзување и интеграцијата на Македонија во европскиот енергетски пазар.
Во услови на променетата енергетска и геополитичка состојба во Европа, регионалната поврзаност добива сè поголемо значење. Во тој контекст, меѓу приоритетите се и новите енергетски коридори, вклучително и Вертикалниот гасен коридор, кој има за цел да придонесе за поголема сигурност и диверзификација на снабдувањето.
Од Министерството посочуваат дека меѓународната агенда во Виена е дел од напорите за зајакнување на партнерствата со земјите од регионот и Европа, привлекување нови инвестиции и поголемо вклучување на македонските енергетски интереси во европските процеси.

