MED9 СО НОВ УСЛОВ ЗА КАНДИДАТИТЕ Величењето на воени злосторства и геноцид може да биде пречка за ЕУ

Сплитската декларација бара јасно отфрлање на глорификацијата на воените злосторства и геноцидот, а пораката, според „Индекс“, е насочена првенствено кон Србија.

MED9 СО НОВ УСЛОВ ЗА КАНДИДАТИТЕ Величењето на воени злосторства и геноцид може да биде пречка за ЕУ
Фото: Принтскрин

Девет медитерански земји членки на Европската Унија во Сплит постигнаа договор дека величењето на воените злосторства и геноцидот треба да се смета за политичка пречка во процесот на пристапување кон ЕУ.

Ставот е содржан во Сплитската декларација, усвоена на самитот на иницијативата MED9, со која Хрватска успеа да обезбеди консензус за ваквиот критериум за земјите кандидати. Иако ниту една држава не е именувана директно, пораката, според „Индекс“, пред сè се однесува на Србија.

Во декларацијата лидерите на деветте земји членки бараат од кандидатите да покажат „вистинска посветеност на помирувањето и недвосмислено отфрлање на величењето на воените злосторства и геноцидот“. Во исто време, MED9 ја потврдува поддршката за европската перспектива на Западен Балкан, оценувајќи го проширувањето како геостратешка инвестиција во мирот, безбедноста и просперитетот.

Со тоа, покрај досегашните услови како што се реформите, владеењето на правото и добрососедските односи, во фокусот се става и односот на кандидатите кон воените злосторства и геноцидот.

Иницијативата следува еден месец по погребот на поранешниот командант на Војската на Република Српска, Ратко Младиќ, во Белград.  Погребот, на кој присуствувале илјадници луѓе, а ковчегот бил обвиткан со српско знаме и биле одржани воени почести, предизвика остри реакции во Брисел. На настанот присуствувале и членови на српската влада, иако Младиќ беше осуден на доживотен затвор за геноцидот во Сребреница и воени злосторства.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Антонио Коста тогаш ги оценија сцените како шокантни. Европската Унија порача дека величењето на воените злосторници, негирањето на геноцидот и историскиот ревизионизам немаат место ниту во ЕУ, ниту во земјите кандидати. Слична порака сега е вградена и во Сплитската декларација.

Самитот, со кој заврши претседателството на Хрватска со иницијативата MED9, беше организиран во Сплит, каде домаќин беше хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ. На средбата учествуваа францускиот претседател Емануел Макрон, италијанската премиерка Џорџија Мелони, грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, кипарскиот претседател Никос Христодулидес, малтешкиот премиер Роберт Абела, португалскиот премиер Луиш Монтенегро, словенечкиот премиер Јанез Јанша, како и другите лидери на земјите членки на MED9.

На самитот присуствуваа и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет Антонио Коста, европската комесарка за Медитеранот Дубравка Шуица, јорданскиот престолонаследник Ал Хусеин бин Абдула Втори и принцот Алберт Втори од Монако.

CATEGORIES
Share This