МИЦКОСКИ: Македонија исполнува два од трите услови за постепена интеграција во ЕУ

Премиерот вели дека во Брисел е препознаен проблемот со злоупотребата на ветото и очекува новиот модел да отвори можност за интеграција пред полноправното членство

МИЦКОСКИ: Македонија исполнува два од трите услови за постепена интеграција во ЕУ
Фото: Принтскрин

Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека најавата за постепена интеграција во Европската Унија е охрабрувачка за Македонија, бидејќи земјата, според него, веќе исполнува два од трите услови потребни за почеток на овој процес.

Мицкоски, коментирајќи ги предлозите на Европската комисија за промени во процесот на проширување и ограничување на можноста за блокирање поради билатерални прашања што не се поврзани со проширувањето, рече дека во Брисел е препознаен проблемот со злоупотребата на ветото.

„Очигледно е дека состојбата е препознаена, дека некои од земјите членки го злоупотребуваат своето членство во рамките на ЕУ и се обидуваат да излезат надвор од рамките на пристапувањето по заслуга, односно преку своето членство да решаваат прашања кои немаат никаква врска со европските вредности“, изјави Мицкоски.

Тој потсети дека за ова прашање зборувал и по средбите со германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон во Тиват во јуни.

Како особено охрабрувачки Мицкоски ја оцени можноста за постепена интеграција, која би им овозможила на кандидатите да се вклучуваат во одредени политики и механизми на ЕУ и пред формалното членство.

Според него, за почеток на процесот треба да бидат исполнети три услови. Првиот се однесува на специфични реформи за секоја држава, кои допрва треба да бидат усогласени со Европската комисија. Вториот услов е усогласеност со заедничката надворешна и одбранбена политика на ЕУ, додека третиот се однесува на реформите во системот на јавни набавки.

„Две од трите ги имаме, а за првата чекаме што е тоа што за нас како држава ќе биде доставено од страна на Европската комисија“, рече Мицкоски.

Тој најави дека Македонија ќе направи сè што е потребно за да започне постепената интеграција, вклучително и пристапувањето до единствениот европски пазар и други области за кои постои интерес од македонска страна.

Европската комисија ги претстави предлозите за идните проширувања на Унијата, кои, меѓу другото, предвидуваат постепено интегрирање на земјите кандидати и пред нивното формално членство, како и посилни механизми за заштита доколку нова членка не ги исполнува преземените обврски по пристапувањето.

CATEGORIES
Share This