АФД ВО ВРВОТ НА ПАРЛАМЕНТОТ – СПД излезе на улица
СПД излезе на улиците во Берлин, стотици протестираа и во Магдебург – изборот на кандидат од АфД предизвика жестоки реакции и обвинувања дека Германија „не научила ништо од историјата“.

Пратеници од Социјалдемократската партија на Германија (СПД) денеска излегоа на протестен марш низ Берлин поради изборот на Тобијас Рауш од крајнодесничарската Алтернатива за Германија (АфД) за претседател на покраинскиот парламент на Саксонија-Анхалт. Изборот предизвика особено остри реакции во СПД, бидејќи за Рауш, според „Шпигел“, гласале и повеќе пратеници од Христијанско-демократската унија (ЦДУ).
Пратениците на СПД маршираа од Бранденбуршката порта до Бебелплац – местото симболично поврзано со палењето книги за време на нацистичкиот режим во 1933 година. Дел од демонстрантите носеа примероци од германскиот Устав. Министерот за одбрана Борис Писториус, кој е член на СПД, ја отпеа германската национална химна и порача дека денес е „ден на гнев и разочарување“.
„Демократите очигледно не научиле ништо од историјата и дозволуваат историјата да се повтори“, рече Писториус.
Лидерот на пратеничката група на СПД, Матијас Мирш, оцени дека изборот на кандидат од АфД треба да ги вознемири сите Германци.
„Ова не е обичен ден. СПД чувствува должност да заземе став кога демократијата е под притисок“, изјави Мирш.
Тој додава дека за првпат од основањето на Сојузна Република Германија десничарски екстремисти се избрани да раководат со покраински парламент. Протести се одржаа и во Магдебург, каде што стотици граѓани се собраа пред покраинскиот парламент. Демонстрантите протестираа против изборот на Рауш, додека повеќе политичари од АфД, меѓу кои и копретседателот Улрих Зигмунд, се појавија меѓу насобраните. Нивното присуство беше проследено со свирежи и исвиркувања.
АфД го избра Рауш за претседател на покраинскиот парламент и покрај тоа што Канцеларијата за заштита на Уставот во Саксонија-Анхалт ја класифицирала партијата како десничарска екстремистичка организација. Претседателот на покраинскиот парламент е највисок претставник на законодавниот дом и претседава со седниците, но истовремено раководи и со парламентарната администрација.

