НОВА ЕНЕРГЕТСКА ОСОВИНА СО БУГАРИЈА Божиновска отвори важни теми во Белград
Батериски системи, прекугранична размена на струја и заедничко финансирање на стратешки проекти биле во фокусот на средбата со бугарската министерка Ива Петрова.

На маргините на Вториот министерски самит на Македонија, Бугарија, Грција и Србија, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска оствари билатерална средба со бугарската министерка за енергетика Ива Петрова.
Средбата се одржа во „Македонска соба“ во Палатата Србија во Белград, а на неа учествуваа претставници на Министерството за енергетика, МЕПСО и НОМАГАС, како и високи претставници на енергетски компании и институции од Бугарија.
Во фокусот на разговорите беше продлабочувањето на енергетската соработка меѓу двете земји, со акцент на конкретни проекти, размена на искуства и можности за заеднички активности.
Една од главните теми беа батериските системи за складирање електрична енергија. Македонската страна се интересираше за бугарските искуства во однос на техничките решенија, регулативата, финансирањето и реализацијата на вакви проекти, додека бугарската страна изрази подготвеност да ги сподели своите знаења и експертиза.
На средбата се разговараше и за продолжување на соработката за подобро поврзување на електроенергетските пазари и унапредување на прекуграничната размена на електрична енергија.
Била разгледана и темата за енергетската сиромаштија, при што двете страни разменија искуства за мерки и политики што можат да придонесат за подостапна и посигурна енергија за граѓаните.
Министерките разговараа и за идните енергетски планови и проекти, како и за можноста Македонија и Бугарија заеднички да настапуваат пред меѓународни финансиски институции и донатори за обезбедување средства за стратешки и регионални енергетски проекти.
Посебен акцент беше ставен и на новите технологии во енергетиката и на можностите за посилно поврзување на компаниите и институциите од двете земји. Во тој контекст, беше нагласено значењето на соработката меѓу МЕПСО, НОМАГАС и МЕМО и нивните партнери во Бугарија, со цел размена на знаења и искуства и реализација на конкретни активности.

