АЈША ГАДАФИ ВО ЦЕНТАРОТ НА ВНИМАНИЕТО Ќерката на Гадафи со над 141.000 гласови
Резултатот од септемвриската онлајн анкета повторно го отвори прашањето за нејзината можна улога во политичкото движење поврзано со наследството на Моамер Гадафи.

Ајша Гадафи, ќерката на поранешниот либиски лидер Моамер Гадафи, се најде на првото место во септемвриската онлајн анкета за најдобар кандидат за лидер на Либија, што повторно го стави нејзиното име во центарот на политичкото внимание во земјата.
Според конечните резултати, Ајша Гадафи освои 141.502 гласа од вкупно 549.954 учесници, со предност од 30.227 гласа пред најблискиот ривал. Анкетата се спроведува преку платформа за месечно онлајн гласање и, според самите организатори, нема карактер на официјални избори или референдум.
Резултатот доаѓа во период кога во либиската јавност се зголемува интересот за политичката улога на Ајша Гадафи. Во последните недели беа објавени и јавни повици таа да го преземе лидерството на т.н. Џамахирија, политичкото движење поврзано со наследството на нејзиниот татко.
Нејзиното име особено се актуелизира по смртта на нејзиниот брат Саиф ал-Ислам, по што се отворија прашања за идното лидерство на приврзаниците на поранешниот режим. Неколку групи и здруженија во Либија веќе јавно изразија поддршка Ајша да го преземе лидерството на движењето.
Самата Ајша, по објавувањето на резултатите, порача дека гласовите во анкетата за неа претставуваат „доверба, ставови и лојалност“, но истовремено повика на надминување на поделбите меѓу приврзаниците на различните политички струи во Либија.

